Француски истражувачи најавуваат дека ќе го оживуваат 30.000 години стариот праисториски вирус, кој го открија длабоко под земјата во замрзнатата дивина на северо-источен Сибир.
„Mollivirus sibericum“ кој се преведува како „мек вирус од Сибир“ е четвртиот по ред ваков „џиновски вирус“ кој е откриен во овој век. Истиот тим на научници, минатата година откри уште еден вирус од овој тип – „Pithovirus sibericum“, а „Mollivirus sibericum“ е изолиран од истиот примерок на мраз.
Овие праисториски вируси се нарекуваат „џиновски вируси“ бидејќи се видливи на светлосна микроскопија, со должина поголема од половина микрон – илјадити дел од милиметарот. Тоа значи дека се големи.
Доколку оваа идеја ви делува малку вознемирувачки и ве потсетува на некоја сцена од филм со катастрофална чума – не грижете се. Истражувачите велат дека ќе го оживеат вирусот само доколку се сигурни дека не претставува закана за животните и луѓето.
Но, тоа не значи дека не треба да бидеме загрижени во врска со можноста за одмрзнување на овие праисториски вируси сами по себе во иднина. „Фактот дека два различни вируси ја задржале својата инфективност во праисториските слоеви од мраз треба да биде предмет на интерес во контекст на глобалното затоплување“, предупредуваат научниците.
Намерното инфицирање на амеба во лабараториски контролирана средина е една работа, меѓутоа со топењето на мразот како резултат на глобалното затоплување – и рударските компании кои истражуваат нови ледени територии поради скриените депозити на минерали – ризикот за случајно откривање на ваков праисториски патоген е многу реален.
„Само неколку вирусни честички кои се се’ уште заразни, во присуство на ранлив домаќин, можат да бидат сосема доволни да оживеат потенцијално патогени вируси“, изјавува Жан- Мишел Клавери, еден од истражувачите. „Доколку не бидеме внимателни, и ги индустријализираме овие области без преземање на заштитни мерки, ризикуваме еден ден да разбудиме некој вирус за кој сме сметале дека е искоренет, како на пример малите сипаници“.
Овие откритија се објавени во Записникот на Националната академија на науките во САД (анг. PNAS).