Секоја година се произведува повеќе од 270 милиони тони пластика, од кои 18 милиони завршуваат во океаните и придонесуваат за се’ поголемото загадување. Научниците од САД сега развија вид на пластика што може да се загрева и потоа да се врати во својата оргинална молекуларна состојба. Пластиката е биоразградлива и може целосно да се рециклира што значи дека може целосно да го смени начинот на којшто ја користиме пластиката денес.
Истражувачите од Државниот универзитет во Колорадо го развиле овој полимер користејќи мономер наречен гама-бутиролактон (ГБЛ), кој се наоѓа во растворите за чистење и во отстранувачите на лепак.
Она што е извонредно кај оваа пластика, наречена поли(ГБЛ), е тоа што треба да се загрева од 220 до 300 степени Целзиусови во рок од еден час, за повторно да се претвори во ГБЛ. Откако ќе се врати во оваа форма, процесот на полимеризација може повторно да започне. На температури од -40 степени Целзиусови, молекулите на мономерот започнуваат да реагираат и да формираат синџири или три-димензионални мрежи на полимерот.
Истражувачите велат дека поли(ГБЛ) е хемиски еквивалентна на комерцијално користената биоразградлива биопластика „P4HB“, но многу поевтина и полесна за производство, бидејќи „P4HB“ може да се добие само од живи бактерии.
Истражувачите поднесоа патент за своето откритие и се надеваат дека еден ден оваа пластика ќе ја замени „P4HB“, а можеби и другите видови на пластика. Истражувањето е објавено во „Nature Chemistry“.