Истражувањето на Универзитетот во Британска Колумбија ја покажува поврзаноста на стресот помеѓу ученикот и професорот.
Ова е прво истражување од ваков вид кое ја испитува поврзаноста помеѓу стресот на професорите и нивото на кортизол на учениците, кое всушност претставува биолошки показател на стресот.
Истражувачите собрале примероци од плунка од повеќе од 400 малолетни деца кои учат во основно училиште, за да го испитаат нивото на кортизол на секое дете поединечно. Резултатите го исполниле очекуваното. Во училниците каде што професорот бил исцрпен, под стрес или не се чувствувал најдобро, нивото на кортизол кај учениците било значително покачено. Покачениот кортизол кај учениците доведува до потешкотии во учењето, како и проблеми со менталното здравје.
„Ова покажува дека стресот може да се пренесува помеѓу професорите и учениците“, вели Ева Оберле, главен автор на студијата, асистент и новопримен вонреден професор во “Human Early Learning Partnership (HELP)“, во училиштето за јавно здравје при Универзитетот во Британска Колумбија.
„Непознато е што започнува прво – зголемениот кортизол или стресот на професорот. Ние сметаме дека врската помеѓу стресот на ученикот и професорот е цикличен проблем кој владее во училницата“.
Оберле тврди дека стресот во училницата може да се појави како резултат на несоодветното однесување на учениците кое може да влијае врз способноста на професорoт да ја одржува ситуацијата во училницата под контрола. Неспособноста на професорите да го задржат вниманието на учениците го зголемува стресот. Поради ова доаѓа до зголемено ниво на кортизол кај учениците.
Стресот може да потекнува и од учениците и да се пренесе на професорот поради зголемената анксиозност, проблематично однесување или посебните барања. Во ова сценарио, професорите можат да се почувствуваат поразено при што кај нив ќе се појави поголема доза на исцрпеност и стрес.
„Нашата студија потсетува на системските проблеми со кои се соочуваат професорите“, вели Оберле.
„Јасно е дека да се биде професор е една од најстресните професии кои постојат и дека на професорите им се потребни соодветни ресурси и поддршка за работата која тие ја работат со цел да ја победат тежината и секоја стресна ситуација на оваа работа“, вели професорот Кимберли Шонерт-Рејчел од Универзитетот во Британска Колумбија, коавтор на студијата и директор на „HELP“. „Ако не ги поддржуваме нашите професори, ние ја ризикуваме колатералната штета на учениците“.
Истражувањето е објавено во „Social Science & Medicine“.