Научниците создадоа досега најефикасни соларни ќелии

Инженерите од Универзитетот Нов Јужен Велс во Австралија направиле фотоволтаични ќелии кои можат да конвертираат 34,5 проценти од сончевата светлина во електрична, без помош на концентратор, што претставува нов светски рекорд.

Претходниот рекорд кој изнесуваше 24 проценти беше поставен од соларна ќелија со големина од 800 см2, произведена од американска компанија.

Новите фотоволтаични ќелии не само што се поефикасни, туку зафаќаат и помала површина, што значи дека соларната енергија ќе биде дури и поевтина.

Истиот тим од инженери во 2014 година го постави рекордот за конверзија на соларната енергија, кога, користејќи огледала за концентрирање на сончевата светлина постигнаа ефикасност од 40 проценти. Меѓутоа, новиот рекорд е уште поимпресивен бидејќи е постигнат без користење на какви било концентратори, а очекувањата на научниците беа дека ова нема да се постигне за уште неколку децении.

Новата соларна ќелија е со големина од 28 см2 и функционира на тој начин што ја разделува сончевата светлина на четири дела.

Инфрацрвениот дел од светлината се рефлектира назад кон силиконска соларна ќелија, додека другите три делови се усмерени кон три слоја нов тип соларни ќелии направени од: индиум-галиум фосфат; индиум-галиум арсенид и германиум.

Сончевата светлина поминува низ секој од овие слоеви  а енергијата во секој од нив се екстрахира од нејзината најефикасна бранова должина. Неискористениот дел од светлината поминува во следниот слој, па во следниот, за да се извлече максиум од секој зрак.

На дијаграмот подолу може да се види како тоа изгледа.

solar_prism_diagram_1

Сепак, треба да се нагласи дека овој нов тип на соларни ќелии нема наскоро да се видат на крововите на домовите, бидејќи се потешки за одржување и се поскапи од стандардните соларни ќелии што сега се во употреба. Но, овие фотоволтаични ќелии се идеални за соларните кули кои користат огледала за да ја концентрираат сончевата енергија во серија од ќелии, а потоа директно ја претвораат во електрична енергија – најчесто во топлина.

Инженерите сега работат на зголемување на ќелиите, за да се види какви резултати ќе се постигнат доколку ќелиите се со големина од 800 см2, колку што изнесуваа ќелиите кои го држеа досегашниот рекорд.

Овој рекорд од 34,5 проценти ефикасност е потврден од националната лабораторија за обновлива енергија на САД  и се чека на научната рецензија.

Поддржете ја нашата работа: