Научниците успеале да го претворат СО2 директно во етанол

Минатиот месец нивото на СО2 во атмсферата достигна највисоко ниво и сега тоа е постојано, што значи дека нема да може повторно да го симнеме на „безбедно“ ниво. Но, доколку научниците успеат да го претворат СО2 во извор на гориво во индустриски размери, тоа буквално би го променило светот.

Истражувачите од Националната лабораторијата Оак Риџ при Министерството за енергија на САД, развиле процес кој може ова да го постигне и тоа со употреба на еден катализатор.

Тие создале катализатор користејќи јаглерод, бакар и азот, со вградување на бакарни наночестички во азотно јаглеродни шилци со големина од само 50-80 нанометри (1 нанометар = еден милионити дел од милиметарот).

Кога пуштиле струја од само 1,2 волти, катализаторот го претворил растворот од СО2 и вода во етанол и тоа во износ од 63 проценти.

Ова е изненадувачки резултат од две причини: прво, бидејќи претставува многу ефикасен процес на согорување постигнат со мало количество на електрична енергија и второ, постигнато е релативно високо ниво на етанол, иако се очекувало да се добие значително количество на помалку посакуваниот метанол.

Како што објаснува „New Atlas“, ваков тип на електрохемиски реакции обично резултираат со добивање на мешавина од мали количини на неколку различни продукти, како што се  метан, етилен и јаглерод моноксид, за коишто нема особено висока побарувачка.

Наместо ова, истражувачите успеале да добијат количество на етанол што може да се искористи, со оглед на тоа дека САД секоја година го користат во милиони литри како додаток на бензините.

Ова секако не е прв обид СО2 да се претвори во нешто што ќе може практично да се користи. Истражувачите ширум светот бараат начини да го претворат СО2 во метанол, формат (метаноат) и јаглеводородни горива.

Истражувачки тим од Исланд работи на претворање на СО2 во цврсти карпи кои би можеле да се закопаат.

Но, кај сите овие методи, иако ветувачки, сепак се добиваат продукти кои во суштина не ни се потребни.

Од друга страна пак, етанолот само во САД се додава помеѓу 10 и 15 проценти во бензините.

landscape-1476733673-gettyimages-188066739

Истражувачите велат дека, бидејќи катализаторот се состои од евтини материјали, а процесот може да се изведува на собна температура со употреба на мало количество на електрична енергија, производството би можело да се зголеми за користење на индустриско ниво.

Ваков процес, велат истражувачите, би овозможил кога има вишок електрична енергија да се складира како етанол. Со ова би се овозожило да се балансира електричната мрежа што повремено се напојува со обновливи извори на енергија.

Истражувањето е објавено во „ChemistrySelect“.

Поддржете ја нашата работа: