Научниците забележаа создавање на „Црна дупка – Чудовиште“

Колизијата на три спирални галаксии, на оддалеченост од 1,8 милијарди години од Земјата предизвикала создавање на огромна црна дупка, со маса која е 3 милијарди пати поголема од масата на Сонцето.

„Црната дупка во центарот на нашата галаксија е само 4 милиони сончеви маси, што значи дека во споредба со неа, оваа црна дупка претставува чудовиште“- вели д-р. Лиза Харви-Смит од „CSIRO Astronomy and Space Science“.

Во 1989 година, во списанието „Nature“ беше објавено едно набљудување на гас, наречен космички мазер, во една далечна галаксија позната како „IRAS 20100-4156“.

Оваа галаксија всушност претставува трио од галаксии кои се во процес на колизија, а црните дупки во нивните центри се спојуваат, создавајќи супермасивна црна дупка.

Ова изненадувачко откритие било направено случајно за време на рутинска проверка на новиот радио телескоп „ASKAP“ во Мурчисон. Но, со понатамошната проверка со телескопот „ATCA“ во Нараби се покажало дека мазерот се движи два пати побрзо од тоа што претходно се сметало и тоа со брзина не помала од 600 км во секунда, околу центарот на галаксијата.

„Брзото движење на гасот ни покажува колку е масивна црната дупка“- вели д-р. Харви-Смит.

Формирањето на супермасивни црни дупки преку спојување на галаксии создава ѕвездена експлозија во која ѕвездите почнуваат да се формираат стотици пати побрзо од претходно.

Ова им овозможува на астрономите да ги видат галаксиите кои се на многу голема оддалеченост.

Мерењето на масите на многу супер масивни црни дупки од галаксии со различна старост може да ни даде увид за тоа како еволуирале галаксиите низ историјата на универзумот, вели д-р. Харви-Смит.

Наодите се објавени во „ArXiv“.

Поддржете ја нашата работа: