Научно објаснување за недостатокот на мотивација

Масуд Хусеин, професор по неврологија и когнитивна невронаука на Оксфорд објаснува: „Знаеме дека во некои случаи луѓето може да станат патолошки апатични, како на пример оние лица со Алцхајмерова болест или оние кои преживеале мозочен удар. Многу од нив се физички способни, но се демотивирани и не се грижат за себе си, иако не се депресивни. Преку проучување на здрави лица, сакавме да откриеме дали некои разлики во мозокот влијаат на апатијата“.

Во истражувањето учествувале 40 млади лица кои требало да пополнат прашалник за да се одреди нивното општо ниво на мотивација. Потоа требало да изиграат одредена игра која вклучувала различно ниво на напор за исполнување на одредена задача по која следела одредена награда, што учесниците можеле да ја прифатат или одбијат, а притоа била следена активноста на нивниот мозок преку магнетна резонанца.

Според очекуваното, повеќето учесници ги прифаќале понудите кои вклучувале помалку напор, а поголема награда. Притоа научниците забележале нешто невообичаено – активноста на мозокот во премоторниот кортекс кај тие лица била повисока наместо пониска. Премоторниот кортекс е вклучен во преземањето на дејствија и се активира веднаш пред оние области од мозокот кои се одговорни за движењето. Парадоксално, кај апатичните лица, овој дел од мозокот бил поактивен отколку кај мотивираните. Ова укажува на тоа дека позади нашите апатични тенденции стојат неефикасни процеси во мозокот, а не недостаток на мозочна активност.

„Очекувавме да забележиме помала активност бидејќи учесниците не сакаа да вложуваат многу напор, но го откривме спротивното“, објаснува Хусаин. „Сметаме дека се работи за помалку ефикасна мозочна структура поради која на апатичните лица им е потребен поголем напор за своите одлуки да ги претворат во дела“.

 


Целта на ова истражување не е да најдете изговор за да останете во кревет во текот на целиот ден, ниту пак е објаснување за сите видови на апатија и за сите оние кои се засегнати од тоа. Ова истражување може да обезбеди биолошки индиции за тоа зошто некои луѓе се толку демотивирани и научниците се надеваат дека овие нови информации ќе помогнат во третманот на мозочните удари и на Алцхајмеровата болест. Па, следниот пат кога ќе помислите дека некои луѓе се мрзеливи, размислете повторно – нивниот мозок може да работи потешко од вашиот.

Поддржете ја нашата работа: