Научниците го открија механизмот во нашиот мозок кој ни помага да ги контролираме нашите инстинкти.
Истражувачите од Европската лабораторија за молекуларна биологија откриле „значајни врски“ помеѓу два дела на мозокот: префронталниот кортекс и мозочното стебло, кој е во основата на органот и води до ’рбетниот мозок.
Според соопштението од лабораторијата, експертите веќе знаеле дека мозочното стебло било вклучено во инстинктното однесување и се сомневале дека префронталниот кортекс игра улога во неговото контролирање, но не разбирале како го прави тоа. Со користење на мозок од глувче, групата следела врски помеѓу невроните за да ја најде поврзаноста.
Поточно, студијата во „Nature Neuroscience“ вели дека научниците проучувале кога мозокот на глувците доживувал „социјален пораз“ (човечки еквивалент на малтретирање), нешто што ќе води до инстиктивно однесување, и откриле кои врски функционираат помеѓу префронталниот кортекс и делот од мозочното стебло кој е вклучен во одбранбени одговори.
„Социјалниот пораз“ предизвикувал слабеење на функционалната поврзаност помеѓу овие две области. Послабите поврзувања значат дека глувците ќе дејствуваат повеќе одбранбено, адаптирајќи се врз основа на нивните искуства.
Тимот, исто така бил во можност да создаде одговор базиран на страв кај глувците со користење на дрога, наместо социјален пораз, за да ја блокира врската помеѓу двата мозочни региони.
„Инстинктите како страв и секс се важни, но не сакате да дејствувате по нив цело време. Ние треба да сме способни динамички да ги контролираме нашите инстинктивни однесувања, во зависност од ситуацијата“- вели истражувачот Корнелиј Грос во соопштението од лабораторијата.
Врската помеѓу префронталниот кортекс и мозочното стебло е она што ни помага да се избориме со инстинктот за да избегаме од одредени ситуации кои не прават нервозни, како на пример од јавно говорење.
Но, само ни помага да го запреме импулсивното однесување, а не чувствата кои доаѓаат со него. Според лабораторијата, врската не доаѓа до хипоталамусот, кој е делот од мозокот кој ни овозможува да ги контролираме нашите чувства и емоции.
„Значи, префронталниот кортекс го држи однесувањето под контрола, но не влијае на основното инстиктивно чувство“. Со други зборови, може да се спречите да избегате од стресна ситуација, но се’ уште ќе се чувствувате нервозно.
Истражувачите се надеваат дека овие откритија ќе помогнат во разбирањето на тоа како се развива самоконтролата кај децата, за кои е познато дека се поимпулсивни, и како таа влијае на менталните болести како шизофренија и депресија, или други нарушувања на расположението каде што самоконтролата и префронталниот кортекс може да имаат улога.