Функциите на нашето тело се одржуваат преку комплексен систем на хормонални сигнали. Некои од тие сигнали варираат за време на различни физиолошки состојби, како што е менструалниот циклус. Како промените на хормоналното ниво влијаат на активностите на мозокот и однесувањето на поединецот?
При едно неодамнешно истражување направено на женки глувци, истражувачите забележиле активност на невроните во дел од хипоталамусот кој е одговорен за социо-сексуалното однесување.
Познато е дека однесувањето на женките-глувци драстично се менува за време на различните фази од нивниот репродуктивен циклус, кој се нарекува естрален циклус. Одговорот на кратките социјални интеракции со мажјаците – глувци може да се движи од прифаќање до агресија. Во своето истражување, истражувачите од Центарот „Champalimaud“ во Лисабон, се фокусирале на хипоталамусот, кој регулира многу инстинктивни активности меѓу кои и исхраната, спиењето и сексуалното однесување.
Истражувачите ги снимале активностите на невроните во делови од хипоталамусот одговорни за социо-сексуалното однесување, кога женките комуницирале или со машки глувци или со други женки. Тие забележиле драстични промени во активноста на овие неврони во зависност од тоа во која фаза од репродуктивниот циклус се наоѓала женката. Кога женките не биле во рецептивна фаза, активноста на невроните била слична кога тие се дружеле и со машките и со женките глувци, но кога женките биле во рецептивна фаза, активноста на невроните се зголемувала само кога се дружеле со машките глувци.
„Ова е прв пат да се снимаат активностите на невроните за време на природниот циклус на женките, каде се испитуваат ефектите од репродуктивниот циклус на невралната физиологија. Со ова се потврдува дека во мозокот постои област каде што хормоналната состојба и социјалната интеракција се обединуваат. Кај луѓето, ефектите од хормоналната состојба врз привлечноста и одбивањето се прилично контроверзни и истражувањата, како ова на пример, можат да помогнат подобро да се разберат нервните патишта кои учествуваат во ваквите однесувања“- заклучуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во „Current Biology.“
ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.