Деновиве климата е толку променлива и нетипична за ова поднебје и доба што веруваме дека барем неколку пати сте се запрашале дали сте метеопат.
Иако метеопатијата/метеоропатијата е позната одамна, современите истражувања официјално го потврдија огромното влијание на временските услови врз нашето тело.
Терминот потекнува од грчките зборови метеорон (небесни феномени) и патос (болест, страдање). Се однесува на проблемите од невровегетативен карактер што се случуваат под влијание на одредени климатски услови – промени во температурата, притисок, влажност или износ на дневна светлина. Лицата подложни на метеопатија се нарекуваат метеопати.
Метеопатите се натпросечно подложни на промени во расположението, болка или различни форми на непријатност пред почетокот на климатските варијации. Вообичаените симптоми се раздразливост, анксиозност, несоница, депресија, потиштеност, телесна слабост или болка. Метеорските проблеми најчесто се јавуваат по ветровити епизоди и бури, придружени со пад во атмосферскиот притисок, дожд, влага и облачност.
Некои луѓе, кои се чувствителни на промените на времето, може да се чувствуваат уморно и да имаат проблеми со спиењето. Други стануваат нервозни и напнати, а трети чувствуваат болка, особено на зглобовите, мигрена, астма или алергии. Ранлива категорија се и луѓето кои страдаат од остеоартритис, нерви, болки во грбот, жолчка и камења во бубрезите, како и оние со ампутирани екстремитети.
Ако станува збор за влошување на постоечките проблеми под влијание на одредени климатски феномени, ние зборуваме за секундарен метеопат. Посебен феномен кој не е општо прифатен како секундарна метеопатија подразбира влошување на симптомите на гастричен улкус (чир) во преминот зима-пролет. Метеопатијата не е поврзана само со намалувањето на температурата или влошувањето на временските услови, туку и спротивно.
Најдобри прогнозери
Многу луѓе кои страдаат од мигрена и слични болести, како ревматоиден артритис, успешно ги предвидуваат промените во климата. Некои чувствуваат болка кога бурата се приближува. Докторите кои работат со таквите пациенти ја потврдуваат прецизноста. Атмосферскиот фактор е многу важна причина за многу пациенти и обично се случува за време на или во пресрет на падот на притисокот на воздухот”, вели д-р Џорџ Урбан.
Што се однесува до болката во зглобовите, бројни студии нагласуваат еден заеднички фактор: промените во воздушниот притисок. Од овие податоци, истражувачите извеле заклучок дека промените во воздушниот притисок влијаат на рецепторите во зглобовите, кои детектираат притисок на осцилации.
Една неодамнешна анкета потврди дека нападите на силни главоболки се предизвикани од промени во температурата и притисокот на воздухот, додека загадувањето на воздухот е исклучено како можна причина.
Една студија објавена во списанието „Neurology“, oпфатила 7.054 лица кои се лекуваат од мигрена последните седум години. Истражувачите ги проверувале атмосферските услови 3 дена пред пациентите да побараат медицинска помош. Се покажало дека колку е повисока температурата, толку се зголемува веројатноста за појава на мигрена од 7,5% за секои пет дополнителни Целзиусови степени. Намалувањето на притисокот на воздухот 2-3 дена пред посетата на болницата исто така го зголемува ризикот од мигрена.
Воочена е поврзаност помеѓу одредени атмосферски показатели, посебно големи промени во температурата, со појава на мозочен удар. Изложеноста на нагли промени во температурата го зголемува ризикот од оваа невролошко нарушување преку инфекција или влијанието на крвниот вискозитет. Анализа на 303 случаи на исхемични мозочни удари од страна на Универзитетот во Хајделберг покажа дека варијациите на температурата за пет Целзиусови степени или повеќе, во било која насока, го зголемуваат ризикот во рок од 24 часа од температурните промени.
Исто така, промените во воздушниот притисок кај голем број на жени предизвикуваат контракции, но истражувањата доаѓаат до различни резултати – некогаш причина е падот, а некогаш порастот. Теоретски, полесно е да се интерпретира влијанието на падот на притисокот – кога е низок, утробата се шири. Зголемувањето на атмосферскиот притисок, пак, ја зголемува веројатноста од крварење на матката.
Намалена способност за адаптација
Временските промени предизвикуваа електромагнетни импулси кои го стимулираат нашето тело да реагира и да се адаптира. Па така, наглите промени го оптеретуваат организмот и форсираат брза адаптација.
Анализата на физиолошките аспекти на метеопатијата наоѓа поврзаност со хипофизата, поточно со предниот дел на хипофизата кој произведува ACTH, или адренокортикотропик (стрес хормон). Кога температурата опаѓа, се зголемува лачењето на овој хормон, предизвикувајќи раздразливост и напнатост. Во исто време, се намалува производството на ендорфин, хормонот кој служи за намалување на болката, зајакнување на имунитетот и подобрување на расположението.
Според некои студии, бројот на луѓе подложни на временските услови се зголемува. Експертите велат дека средовечните луѓе, особено жените, се во поголема опасност. Но, зошто некои луѓе потешко се адаптираат од другите?
Метеопатијата не е природна состојба и е предизвикана од современиот начин на живот, а особено од нашата желба за удобност. Поминувањето премногу време во затворен и климатизиран простор го намалува капацитетот за справување со временските промени и атмосферските услови. Истражувањата покажуваат дека физички активните луѓе, кои поминуваат повеќе време на отворено, се поотпорни на промените. Од друга страна, постарите луѓе, оние кои имале операција или кои ретко ги напуштат своите домови се чувствителни дури и на мали флуктуации.