Недостатокот на цинк предизвикува рак?

Неговиот недостаток може да доведе до реактивација на еден биомолекуларен процес, кој има есенцијална улога во развојот на организмот, но и на болестите – се наодите на истражувањето од Политехничкиот Институт Ренселер.

Процесот наречен „Hedgehog“ е еден од одлучувачките фактори за нормален развој, но кај возрасните ако се реактивира овој процес може да доведе до неконтролиран раст на клетките и пролиферација на ракот. Истражувањето што беше објавено во „Journal of Biological Chemistry“ покажува дека цинкот го инхибира овој процес, со тоа што се врзува за делот од протеинскиот прекурзор кој го активира овој процес.

Процесот „Hedgehog“ е клучен регулатор на клеточниот раст и развојот кој помага де се воспостави нормалната билатерална симетрија на телото. Процесот започнува во моментот кога се активира протеинскиот прекурзор, кој сам се дели (или се расцепува) на два дела: дел кој е одговорен за активирање на сигналната молекула за почеток на „Hedgehog“ процесот и дел кој служи како катализатор на само-делбата. За овој процес не е потребен надворешен катализатор, бидејќи еден дел од протеинскиот прекурзор делува како катализатор на трансформацијата.

Истражувачите покажале дека цинкот, кога е присутен се врзува со активната страна од каталитичкиот дел и ги инхибира овие авто-процеси во протеинскиот прекурзор, а со тоа и сигналната молекула за почеток на процесот. Недостатокот на цинк се поврзува со аутизмот, како и со некои типови на рак. На пример, главно обележје на ракот на простата е недостаток на цинк во ткивото на простатата, па сепак, точната релација помеѓу недостатокот на цинк и развојот на болеста не е целосно јасна.  

„Со ова истражување покажавме уште еден  допонителен механизам за тоа како недостатокот на цинк може да го промовира развојот на рак. Ова е нешто што досега никој го нема покажано. Цинкот и „Hedgehog“ се есенцијални и исклучително плодотворни биомолекули и како тие ќе се поврзат може да има длабоки импликации за нормалната физиологија, а и за болестите“ – нагласуваат истражувачите.

Дали е можно порастот на ракот во последните децении да е поради недостаток на одредени супстанци во исхраната? Недостатокот на цинк е само еден дел од загатката, меѓутоа наредниот пат кога некој ќе ви предложи некоја диета или начин на исхрана треба добро да размислите, бидејќи
 најверојатно нема подобро од добро избалансирана храна од различно потекло.

Поддржете ја нашата работа: