Истражувањето покажа дека луѓето кои немаат доволно кислород во крвта за време на спиењето, што се случува при апнеја и одредени состојби, како што е емфиземот, се со поголема веројатност да имаат мали абнормалности во мозочното ткиво, наречени микроинфаркти, отколку луѓето со повисоко ниво на кислород во крвта. Овие абнормалности се поврзани со развојот на деменција.
Покрај тоа, луѓето кои поминуваат помалку време во длабок сон, исто така наречен сон со бавни бранови, се со поголема веројатност за загуба на мозочните клетки отколку луѓето кои поминуваат повеќе време во длабок сон. Бавните бранови се важни за преработка на новата меморија и помнењето на фактите. Луѓето имаат тенденција да поминуваат помалку време во длабок сон, со текот на возраста. Губењето на мозочните клетки, исто така, е поврзано со Алцхајмеровата болест и деменцијата.
Во истражувањето, направени се тестирања на сонот на 167 американци со јапонско потекло на просечна возраст од 84 години. Тие починале во просек од шест години подоцна, и потоа биле извршени обдукции на нивните мозоци барајќи индикатори за микроинфаркти, губење на мозочни клетки и други оштетувања поврзани со Алцхајмеровата болест и „Lewy“ телата, поврзани со „Lewy“ деменцијата.
Истражувачите ги поделиле испитаниците во четири групи врз основа на процентот на времето поминато со нивоа на кислород во крвта кои биле пониски од нормалните за време на спиењето, од најниска група со 13% или помалку од времето со ниски нивоа на кислород, до највисока група со 72-99% од времето со ниски нивоа на кислород. Секоја група броела 41 или 42 мажи. Од 41 мажи во најниската група, забележани биле четири микроинфаркти во мозокот, додека кај 14 од 42 мажи во највисоката група имало абнормалности, што значи, постои четири пати поголема веројатност да имаат оштетување на мозокот.
Претходните истражувања покажале поврзаност помеѓу фазите на сонот и деменцијата. За ова истражување, учесниците биле повторно поделени во четири групи врз основа на процентот на ноќта поминат во длабоко спиење. Од 37 мажи кои поминале најмалку време во длабок сон, 17 имале загуба на мозочните клетки, во однос на 7 од 38 мажи кои поминувале најмногу време во длабок сон.
Резултатите останале исти и по регулирањето на факторите, како што се пушењето и индексот на телесна маса, по исклучувањето на учесниците кои починале во текот на истражувањето и оние кои имале ниски резултати на когнитивните тестови на почетокот на истражувањето.
“Овие наоди укажуваат на тоа дека ниското ниво на кислород во крвта и намалените бавни бранови на длабокото спиење може да придонесат за развој на процесите што водат до намалување на когницијата и деменција”, велат авторите.
Потребни се повеќе истражувања за да се утврди колку бавните бранови на сонот имаат ресторативна улога во функцијата на мозокот и дали спречувањето на ниското ниво на кислород во крвта може да го намали ризикот од деменција.
Наодите од претходните истражувања велат дека употребата на континуиран уред за позитивен притисок во дишните патишта (CPAP) при опструктивната апнеја за време на спиење може да ја подобри когницијата дури и по развојот на деменција.