Едно истражување, објавено во списанието „PLoS ONE“, укажува на тоа дека недостатокот на образование може да биде еднакво смртоносен како пушењето.
„Во јавното здравство, ние често се фокусираме на менување на здравствените навики, како што се исхраната, пушењето и пиењето. Образованието е од фундаментално значење и воедно од него зависат навиките и здравствените разлики. Поради тоа, би требало да биде клучен елемент во здравствената политика“, истакнуваат авторите.
Ниското ниво на образование е честа појава. Повеќе од 10% од Американците на возраст од 25-34 немаат завршено средно училиште, а повеќе од една четвртина имаат некаков вид на факултет, но не и диплома. Слична е ситуацијата и кај нас. Според последниот попис од 2002 година, од вкупното население во државава кое е постаро од 10 години, чиј број изнесува 1.756.606 лица, 3,6% (63.562 лица) се неписмени, а 13,8% се со некомплетно основно образование. Од возрасната група од 1.596.267 лица, 36,9% (588.554 лица) имаат завршено средно образование, додека најмалку, или само 10% (159.235 лица) се со завршено високо образование, вклучувајќи ги и лицата кои магистрирале и докторирале.
Сепак, истражувањата покажуваат дека повисокото ниво на образование е силен индикатор за долговечноста, вклучувајќи фактори како што се повисоки приходи и социјален статус, поздрав начин на живот и подобрување на социјалната и психолошката благосостојба.
Докази од истражувањата и природните експерименти постојано покажуваат силна поврзаност помеѓу нивото на образование и морталитет и укажуваат на тоа дека значителен дел од врската помеѓу образованието и морталитетoт е причинско-последична.
Со помош на Центрите за контрола на болести и Националниот институт за медицински истражувања и превенција, тимот во истражувањето опфатил податоци за повеќе од еден милион луѓе од 1986 до 2006 година, за да се процени бројот на смртни случаи кои би можеле да се припишат на ниското ниво на образование.
Проценката на смртност подразбира број на животи што би можеле потенцијално да се спасат, доколку возрасните имале повисоко ниво на образование. Тие ги проучувале лицата родени во 1925, 1935, и 1945 година, анализирајќи како нивото на образование влијае на смртноста со текот на времето, истакнувајќи ги причините за смрт, вклучувајќи кардиоваскуларни заболувања и рак.
Тие откриле дека 145.243 смртни случаи можеле да бидат избегнати во 2010 година, доколку жртвите имале средно образование – бројка која е споредлива со проценетиот број на смртни случаи од пушење. Покрај тоа, 110.068 смртни случаи би можеле да бидат спасени, ако возрасните кои имаат некаков вид на високо образование, продолжат со образованието и дипломираат.
Разликите во однос на морталитетот со различните нивоа на образование се зголемуваат значително со текот на времето. На пример, стапката на смртност скромно опаѓа кај оние со средно училиште, но многу побрзо кај оние со факултетска диплома. Како резултат на тоа, поттикнувањето за завршување на средно училиште кај возрасните кои не го завршиле средното училиште би можело да спаси многу животи, посебно меѓу оние кои се родени во 1945 година, во споредба со оние кои се родени во 1925 година.
„Нашите резултати покажуваат дека политиките и интервенциите кои го подобруваат нивото на образование би можелe значително да ја подобрaт стапката на преживување кај населението, особено со оглед на проширувањето на образовните разлики“, вели Патрик Кругер, доцент на Катедрата за здравство и бихевиорални науки на Универзитетот во Колорадо. Се очекува смртноста поради ниското ниво на образование да продолжи да расте и во иднина.
Истражувачите велат дека наодите би можеле да имаат значително влијание врз идните обрасци за опстанок.