Па, можеби невидливоста и не е целосно научна фантастика. Сега, тим на невролози од Институтот „Каролинска“ од Шведска ја покажуваат перцептивната илузија на имањето невидливо тело и покажуваат дека чувството на невидливост го менува нашиот физички одговор на стрес.
Тие го опишуваат својот експеримент во списанието „Scientific Reports“. Експериментот вклучува сет на дисплеи монтирани на главата на учесникот, кој потоа треба да погледне надолу за да си го види телото. Наместо своето тело, учесникот гледа празен простор. За да се предизвика чувството на невидливост, научникот го допира телото на учесникот со помош на четка, истовремено имитирајќи ги истите движења во воздухот со друга четка во другата рака.
„За помалку од една минута, поголемиот дел од учесниците започнаа да го пренесуваат чувството на допир на делот од празниот простор каде што ја гледаа четката дека се движи и во таа позиција искусија невидливо тело“, вели Арвид Гутерстам, главниот автор на истражувањето.
Истражувањето го испитувало искуството на илузија кај 125 учесници. За да докажат дека илузијата навистина функционира, научниците имитирале движење со нож кон празниот простор кој би требало да биде стомакот на невидливото тело. Кога учесниците го гледале тоа, им се зголемувало нивото на пот како одговор на илузијата, односно одговор на опасноста. Тоа укажува дека мозокот ја интерпертира заканата во празниот простор како закана за сопственото тело.
Во вториот дел од истражувањето, научниците испитувале како чувството на невидливост влијае на социјалната анксиозност и ги поставиле учесниците пред непозната публика. Нивните отчукувања на срцето и нивото на стрес биле помали кога непосредно пред тоа ја доживеале излузијата на невидливо тело. Овие наоди се интересни бидејќи покажуваат дека нашата перцепција за физичкиот изглед на нашето тело може да го смени начинот на кој мозокот ги обработува социјалните знаци.
Научниците се надеваат дека резултатите од ова истражување ќе можат да се применат во идни клинички истражувања, како на пр. во развојот на нови терапии за социјалната фобија. Следните истражувања ќе испитуваат дали чувството на невидливост влијае на моралот и донесувањето на одлуки, за научниците да се осигураат дека невидливоста нема да предизвика губење на чувството за она што е добро или лошо.