Досегашните лабораториски истражувања покажале дека трансформираните клетки биле во состојба да уништат речиси 15 проценти од канцерските клетки, за само 24 часа.
Водачот на истражувањето, професорот Ричард А. Лернер, го опишува ова како „потполно нов пристап кон кацерот“. Тој истакнува дека сега тимот работи на тоа што побрзо да започнат тестирањата на луѓе.
Лернер и неговиот тим неодамна откриле дека ако клетките од коскената срцевина се изложат на антитела од други делови од телото, клетките може во потполност да се трансформираат. Клетките од коскената срцевина би можеле да се претворат, на пример во мозочни клетки.
Врз основа на ова сознание, научниците започнале потрага по антитело што ќе ги трансформира леукемични клетки во здрави клетки од коскената срцевина. Но притоа, тие наишле на ретко хумано антитело што има дури и поголем потенцијал и практично може да ги трансформира леукемичните клетки во клетки убици на ракот.
Ова антитело се врзува за рецепторот наречен тромбопоетин што го имаат повеќето клетки кај акутната миелоидна леукемија. Кога истражувачите ги изложиле леукемичните клетки на ова антитело, забележале дека повеќето од клетките се трансформирале во безопасни имуни клетки познати како дендритски клетки.
Со натамошно изложување, голем дел од клетките продолжиле да се развиваат во клетки, многу слични на природните клетки убијци. Овие ново трансформирани клетки убијци, за кратко време почнале да ги уништуваат другите леукемични клетки околу нив. Само во текот на еден ден, иако малубројни, овие клетки успеале да уништат 15 проценти од околните леукемични клетки.
За среќа, овие клетки ги напаѓале само леукемичните клетки, но не и другите здрави клетки во коскената срцевина, што укажува дека може да послужат како таргетирана канцерска терапија.
Интересно е дека, од некоја причина, трансформираните клетки убијци не ги напаѓаат сите типови на канцерски клетки, туку само нивните „сродници“. Бидејќи имаат специфичен афинитетет само кон таргетираните рецептори, мала е веројатноста дека имаат несакани ефекти, но исто така не се ефикасни во борбата против други видови рак – тестирањата против клетките на ракот на дојка не ја покажале истата ефикасност.
Со понатамошните истражувања ќе се проценува нивната безбедност и ефикасност како потенцијална терапија, а истражувачите се надеваат дека многу скоро ќе почнат и клиничките испитувања на луѓе. Ако се покаже успешно и кај луѓе, ова би овозможило не само да се намалат канцерските клетки кај пациентите, туку и потполно да се елиминира ракот.
Истражувачите исто така ќе прават истражувања за антитела кои ќе имаат сличен ефект и кај други видови на рак.
Истражувањето е објавено во „PNAS“.