Според едно ново истражување, што беше објавено во „Cell Host & Microbe“, еден вид на бактерија, позната како „Wolbachia“, може да биде исклучително корисна во креирањето на одбрана против ширењето на Зика вирусот. Иако оваа бактерија била и порано истражувања како ефикасен агенс за контрола на денга вирусот, па дури и за маларија, ова е првпат научниците да откријат дека може да има улога и во размножувањето на Зика вирусот во комарците „Aedes aegypti“.
Во 2005 година, научниците откриле дека бактеријата „Wolbachia“ може да биде корисна во борбата против инфекциите што ги пренесуваат комарците бидејќи значително го намалува ширењето на вирусот на денга и чикунгинија. Во комарците заразени со оваа бактерија, вирусот не може да се размножува, а со тоа не може да се пренесува на други комарци или луѓе. Во минатото научниците ја користеле оваа метода како начин за превенција на ширењето на денга вирусот кој спаѓа во истото семејство на вируси како и Зика вирусот.
Единствен проблем е тоа што „Wolbachia“ природно не ги инфицира комарците „A. Aegypti“. Обично бактеријата се инјектира во овие комарци во лабораторија и потоа се ослободуваат во природата со надеж дека тие ќе се парат со други комарци и ќе им го пренесат својот „имунитет“ кон денга вирусот.
Со новото истражување научниците тврдат дека слична метода може да се примени како заштита од вирусот Зика.
Научниците вршеле испитувања на неинфицирани бразилски комарци заедно со комарци инфицирани со „Wolbachia“, на кои им е додаден Зика вирусот. Се покажало дека после две недели инфицираните комарци имале значително помалку вируси во телото и во плунката во споредба со комарците кои не биле инфицирани со Wolbachia. Исто така, тие или не можеле да ги пренесуваат вирусите што се наоѓале во нивната плунка, или вирусите не биле активени.
Претходно оваа година, Светската здравствена организација излезе со објава со која ги охрабрува научниците и медицинските лица да разгледуваат што е можно повеќе начини за борба против вирусот Зика. Да се нападне самиот извор на заразата – комарците што го пренесуваат вирусот, е на врвот на листата.
Дали пуштањето на комарци во природата да ја пренесуваат бактеријата „Wolbachia“ на следните генерации практично ќе доведе до уништување на овие вируси останува допрва да се види.
„Знаеме дека нема да има единстввено решение за Зика – треба ова да го примениме заедно со други различни постапки, како вакцините или пестицидите, покрај јавните мерки за контрола на местата каде што се размножуваат комарците“ – вели Лучиано Мореира од Фондацијата Освалдо Круз, водач на истражувањето.