Нов начин за побрзо и поефикасно учење

Клучот за учењето на нова моторна вештина, како што е свирење пијано или некој нов спорт, не е во тоа колку време ќе вежбате, туку начинот на кој ќе вежбате. Според новото истражување на научниците од Универзитетот Џон Хопкинс, субтилното варирање на вежбите го одржува мозокот поактивен за време на процесот на учење и го преполовува времето кое е потребно за да се совлада материјалот.

Ова истражување на некој начин се спротивставува на старата поговорка дека повторувањето е мајка на знаењето. Наместо тоа, предлага нов начин на усовршување.

„Откривме дека ако вежбате малку изменета варијанта на задачата што сакате да ја совладате, ќе научите повеќе и побрзо отколку ако само го повторувате истото нешто повеќе пати по ред“, вели Пабло Селник, главниот истражувач од Универзитетот Џон Хопкинс.

Во истражувањето биле вклучени 86 волонтери кои требало да научат нова вештина, во случајов да го движат покажувачот на екранот на компјутерот со помош на стискање на еден помал уред, наместо со глувчето.

Волонтерите биле поделени во 3 групи и секоја имала по 45 минути за вежбање. По 6 часа, првата група требало да ја повторува истата вежба, втората група добила малку поинаква вежба која вклучувала различна сила на стискање за да се помести покажувачот, а третата група не правела ништо и важела за контролна.

На крајот на обуката, сите биле тестирани за тоа колку брзо и прецизно ќе ја извршат новата вештина и очекувано – третата група имала најлоши резултати. Но, она што ги изненадило научниците е тоа што втората група која малку ги изменила вежбите имала двојно подобри резултати од првата група која повеќепати ја повторувала оргиналната вежба.

Научниците сметаат дека ова е резултат на реконсолидација – процес со кој се навраќаат постоечките сеќавања и се модифицираат со ново знаење. Веќе подолго време научниците се сомневале дека реконсолидацијата може да помогне за зајакнување на моторните вештини, но ова е еден од првите експерименти кои ја тестираат таа хипотеза. Токму поради тоа истражувачите им дале на учесниците 6-часовна пауза измеѓу вежбите – претходните истражувања покажале дека толку време е потребно за нашите сеќавања да се консолидираат.

Но, научниците нагласуваат дека измената на вежбите треба да биде суптилна, како на пример промена во големината или тежината на тенискиот ракет, фудбалската топка за време на тренингот, или слично, бидејќи доколку вежбите се премногу различни, нема да се постигне истиот ефект.

Овие резултати се возбудливи, и иако се потребни дополнителни истражувања во ова поле, во иднина овој процес на учење би можел да ја забрза рехабилитацијата на луѓето кои доживеале мозочен удар, на оние кои страдаат од повреди на ’рбетот, како и на оние со протетски екстремитети.

Истражувањето е објавено во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: