Нов оптички сензор за анализа на гасови

Оваа технологија  може да биде применета насекаде, од мониторирање на животната средина до безбедносните системи на аеродромите или за тестирање на нивото на алкохол во крвта. Сензорот е особено погоден за детекција на јаглерод диоксид и може да биде корисен за индустриска примена или во системите дизајнирани за подземно складирање на јаглеродниот диоксид, како еден од начините за намалување на емисијата на стакленички гасови.

Државниот Универзитет во Орегон поднел барање за патентирање на пронајдокот, кој го развил во соработка со Националната Лабораторија за енергетика.

Истражувачите сега бараат соработници од индустријата за понатамошно усовршување и помош за комерцијализација на системот.

„Оптичките системи се многу ефикасни во идентификацијата на ниски нивоа на гасови, но често тоа се големи лабораториски апарати, кои се исклучително скапи и не може да се пренесат на терен. За разлика од  ова нашиот систем е мал, лесно пренослив и не е скап. Системот користи плазмонички нанокристали, кои делуваат нешто слично како мали леќи, за да ја концентрира светлината и да ја зголеми сензитивноста“- велат истражувачите.

Оваа метода претставува комбинација од метал-органска рамка и тенок филм кој може брзо да апсорбира гасови во порите од материјалот и да биде рециклиран преку едноставен вакуум процес. Откако тенкиот филм ќе ги „фати“ гасните молекули во близина на површината, плазмоничкиот материјал делува на ниво на блиско инфра-црвено зрачење што помага да се зголеми сигналот и прецизно да го анализира присуството и количината на различни гасови.

Брзината, прецизноста, лесната преносливост и ниската цена, велат истражувачите, ќе овозможи инструментите да се користат на терен за многу намени. Во прехрамбената индустрија – каде јаглеродниот диоксид се користи во складовите за овошје и зеленчук и нивото на гас треба да се одржува на одредено ниво. Детекцијата на гас може да е корисна за пронаоѓање на експлозив и технологија како оваа може да најде примена на аеродромите и за обезбедување на границите. Може да се користи во истражувањата на животната средина за мониторирање на различни гасови, а може да најде примена и во здравството, за подобрување на работата на автомобилските мотори и за превенирање на истекувања од природен гас.

Наодите се објавени во „Journal of Materials Chemistry C“.

Поддржете ја нашата работа: