Тимот на научници, предводени од проф. Игор Караченчев од специјалната опсерваторија за астрофизика во Русија, ја пронајдоа галаксијата, наречена „KKs3“ со помош на камерата на вселенскиот телескоп „Хабл“ уште во август 2014 година.
„KKs3“ се наоѓа во јужниот дел на небото во правец на соѕвездието „Мала Водна Змија“. Таа е џуџеста сфероидна галаксија која нема спирални структури како нашата галаксија. „KKs3“ исто така ги нема основните материи (гас и прашина) кои се потребни за создавањето на нови ѕвезди, па остануваат само оние постарите и побледите. Се чини дека овие материи биле одземени од околните масивни галаксии, како што е „Андромеда“ во овој случај. Всушност, поголемиот дел од џуџестите сфероидни галаксии се наоѓаат во близина на многу поголеми придружници, што значи дека овој процес се случува постојано.
Изолираните објекти, односно галаксии мора да се формирале на друг начин, па научниците се особено заинтересирани за пронаоѓањето на сфероидните галаксии за генерално да го разберат формирањето на галаксиите во Универзумот. Поради отсуството на водороден гас, научниците се обидуваат да го постигнат тоа со пронаоѓање на индивидуалните ѕвезди.
„Со пронаоѓањето на „KKs3“ полека ја создаваме мапата на нашето соседство, кое изгледа не е толку празно како што мислевме. Можеби има уште многу џуџести сфероидни галаксии, што би имале големо влијание на нашите идеи за еволуцијата на космосот“, истакнуваат истражувачите.
Научниците ќе продолжат со истражувањата и ќе продолжат да бараат сфероидни галаксии. Во наредниве години, нивната задача можеби ќе ја олеснат инструментите како телескопот „Џејмс Веб“ и Европскиот екстремно голем телескоп. Пронајдоците се објавени во весникот „Royal Astronomical Society“.