Истражувачите развиваат едноставен тест кој може да ги идентификува хемикалиите кои имаат негативни долгорочни здравствени ефекти.
Постојат околу 80.000 хемиски соединенија на светскиот пазар. Тие се користат во широк спектар на производи почнувајќи од лекови и пестициди, па се до ткаенини и теписи. Експертите велат дека помалку од 2 % од хемикалиите во комерцијална употреба се тестираат за нивната канцерогеност и способност да предизвикаат рак при долгорочна изложеност, бидејќи тестирањето одзема многу време и пари.
Истражувачите на Универзитетот во Бостон, Масачусетс развиваат едноставен и ефтин тест за да се утврдат хемикалиите кои се потенцијални предизвикувачи на рак.
„Во основа ова ќе им помогне на регулаторните агенции, како и на хемиските производители”, изјави Стефано Монти, експерт за компјутерска биологија и канцер-геноми.
Експериментирано е со лабораториски глувци изложени на хемикалии кои се веќе познати како предизвикувачи на рак, од една страна и 100% безбедни соединенија од друга страна. На тој начин е евидентирано кои клетки страдаат од канцерогените хемикалии.
Тестирани се диоксин, високо токсичен еколошки загадувач кој предизвикува лепеза на човекови здравствени проблеми, вклучувајќи рак; полихлорирани бифенили (PCBs), класа на хемиски соединенија поврзани со оштетувања на кожата, мозокот и рак на црниот дроб; и бисфенол А(БПА) состојка во пластика и епоксидни смоли која влијае на хормоните.
И покрај забраната за многу производи кои ги содржат овие состојки, особено во САД, тие се уште се често присутни во животната средина.