Нов третман за рак на простата

Научниците го воведоа лекувањето на ракот на простата во 21-от век, со новата метода каде со помош на ласери и една океанска бактерија се таргетира болеста, наместо да се оперира.

Во студијата објавена во „The Lancet Oncology“, опишан е процес што се нарекува васкуларна насочена фотодинамична терапија, или ВТП, која вклучува инјектирање на фотосензитивен лек во крвта на пациентот, а потоа со помош на ласер се активира лекот кој го убива ракот.

Методата е развиена од страна на Институтот за наука Вајцман во Израел и компанјата  „STEBA Biotech“, додека тестирањата на пациенти заболени од рак на простата се водени од научниците во Кралскиот колеџ во Лондон. Лекот, што е наречен „WST11“, е изведен од бактерија која живее на дното на океаните и успева да преживее со многу малку сончева светлина, преку ефикасно претворање на светлината во енергија.

Истражувачите собрале податоци за повеќе од 400 пациенти со „ниско ризичен локализиран рак на простата“, коишто претходно не биле третирани, од неколку десетици европски медицински центри, во перид помеѓу 2011 и 2013 година. Половна од овие мажи примиле ваква светлосна терапија, додека другата половина биле само мониторирани. Кога била направена контрола на пациентите после две години од третманот, се покажало дека болеста напредувала само кај 28 проценти од мажите што биле третирани на овој начин, во споредба со половина од мажите кои не биле третирани на овој начин.

Покрај ова, научниците забележале и други разлики во резултатите. Според извештајот од студијата, речиси половина од групата третирана со ВТП биле во ремисија две години после третманот, во споредба со само 14 проценти од нетретираните мажите во другата група.

Покрај ваквата ефикасност, новиот третман може да го уништи ракот во рана фаза без да го оштети здравото ткиво или да има потреба од отстранување на простатата, за разлика од хируршкиот третман и зрачењето. Овие два третмани исто така може да предизвикаат и проблеми со ерекцијата и инконтиненција.

Во студијата сепак се нагласува дека најчест несакан ефект кај третираните со ВТП биле тешкотии со мокрењето, но тоа било забележано само кај 15 од повеќе од 200 мажи кои биле третирани, а состојбата била нормализирана во рок од околу два месеци.

Придобивките од оваа терапија сепак не мора да бидат ограничени само на ракот на простата. Научниците се надеваат дека истиот третман би можел да биде ефикасен и кај други видови на рак, меѓу кои ракот на дојка и црн дроб.

Веројатно ќе поминат уште неколку години пред третманот да биде широко достапен за пациентите, бидејќи треба да ја помине ревизијата на Европската агенција за лекови.

Поддржете ја нашата работа: