Нова алуминиумска батерија откриена случајно

Иако со децении наназад научниците се обидуваат да го искористат алуминиумот за изработка на алуминим-јонски батерии, досегашните обиди да се создаде комерцијално достапна алуминиумска батерија беа неуспешни.

Сега, интернационален тим од научници предводен од Хонџи Даи од Универзитетот Стенфорд, сосема случајно откри едноставно решение користејќи графит (кој во основа е јаглерод). Тие поставиле алуминиумска анода, графитна катода и јонски течен електролит (во суштина солен раствор), во флексибилна торбичка обложена со полимер.

Научниците се надеват дека новата батерија ќе ги замени алкалните батерии кои се лоши за животната средина и литиум-јонските батерии кои понекогаш можат да се  запалат. И покрај опасноста да се запалат, литиум-јонските батерии се користат во повеќето лаптопи и паметни телефони. Новата батерија нема да се запали, дури и ако бушите низ неа – велат истражувачите.

Покрај тоа, оваа револуционерна батерија се полни ултра-брзо и трае неверојатно долго. За разлика од батериите од повеќето телефони за кои се понекогаш потребни часови за да се наполнат, оваа батерија се полни за само една минута. Исто така може да издржи повеќе од 7 500 полнења, без да изгуби од својот капацитет. За споредба, типичната литиум-јонска батерија издржува околу 1 000 полнења.

За жал, оваа нова батерија нема да ни биде достапна во скоро време. Засега, батеријата генерира енергија при потенцијал од два волти, што иако е повеќе од 1,5 волтните АА или ААА батерии, тоа е отприлика за половина помалку од литиумските батерии. „Со подобрување на катодниот материјал со време, ќе се зголеми и волтажата и електричната густина“ – објаснува Даи.

„Сето останато што е потребно за една батерија од соништата, нашата батерија го поседува – евтини електроди, добра безбедност, брзо полнење, флексибилност и долготрајна издржливост“- вели Даи.

Истражувањето е објавено во „Nature“

Поддржете ја нашата работа: