Научниците од биотехнолошката компанија „EpiBone“, со седиште во Бруклин, САД, тестираат растење на човечки коски од матични клетки. Процесот вклучува земање на примерок од масно ткиво од каде се екстрахираат матични клетки и КТ-скен од коската која треба да се создаде. Ова ќе послужи да се креира калапот на коската, или „скеле“ како што го нарекува Нина Тендон, извршен диретор и коосновач на компанијата. Потоа во „скелето“ се внесуваат клетките и за околу три недели, клетките созреваат во парче коска што е спремно за имплантација.
Компанијата тврди дека овој процес е подобар од конвенционалните процедури за реконструкција, бидејќи создавањето на нова коска е многу поодржливо отколку да се исече парче коска од еден дел и да се трансплантира во друг дел од телото. Тендон се надева дека пацентите повеќе нема да имаат потреба од имуносупресивни лекови, бидејќи телото ќе ги препознае како свои, затоа што имаат иста ДНК.
Биомедицинскиот инженер Ворен Грејсон, од Универзитетот Џон Хопкинс е еден од акционерите во „EpiBone“. И покрај неговиот очигледен интерес за успехот на компанијата, тој за „Business Insider“ истакнува дека „EpiBone“ се соочува „со одредени предизвици пред да стигне до пациентите“. Првата пречка на компанијата е добивање на федерално одобрение што може да се покаже доста тешко.
Вообичаено, Управата за храна и лекови бара долгорочни тешки истражувања и тестирања. Покрај тоа, бидејќи во процесот се користат живи клетки, критериумите за добивање на федерално одобрение можат да бидат и построги.
Тендон вели дека сега прават експерименти на животни, а дека тестирањата на луѓе ќе започнат за 18 месеци. Целта е коската да се појави на пазарот до 2023 година. Доколку истражувањето се покаже успешно, неговата примена ќе претставува голем скок напред во медицинската технологија, со оглед на тоа дека после крвта, коските се најтрансплантираниот материјал.