Нова планета погодна за живот

Научниците идентификувале нова планета која евентуално би можела да биде погодна за живот.

Се работи за планетата „Кеплер-62ф“, која се наоѓа на оддалеченост од 1.200 светлосни години од Земјата и е за 40 проценти поголема од нашата планета. Можноста оваа планета да биде погодна за живот се базира на нејзината поволна оддалеченост од  нејзиното сонце, а астрономите сметаат дека ова може да овозможи постоење на цврст терен и океани, потребни за развој на живот.

Егзопланетата е откриена од мисијата „Кеплер“ на НАСА во 2013 година, но сега истражувачите од Универзитетот Калифорнија, во Лос Анџелес направиле анализа на составот на планетата, нејзината орбита и атмосферата која може да ја има.

Со оглед на тоа дека планетата се наоѓа на голема оддалеченост, директното мониторирање на нејзината површина засега не е возможно и комјутерските модели на нејзината атмосфера се најпрецизната проценка што може да се добие.

На Земјата јаглеродниот диоксид зазема 0,04 проценти од атмосферата. Бидејќи  „Кеплер-62ф“ е многу пооддалечена од своето сонце отколку ние од нашето, потребно е во атмосферата да има драматично повеќе јаглерод диоксид за да може водата на нејзината површина да се одржи во течна форма.

Истражувачте направиле повеќе комјутерски симулации врз основа на тоа кога планетата би имала:

  • Атмосфера со различна густина која се движи од густина еднаква на Земјата, па до 12 пати погуста од нашата планета.
  • Различни концентарција на јаглерод диоксид во атмосферата, од онаа иста како на Земјата па до 2.500 пати повисока
  • Неколку можни кнфигурации на орбиталната патека

„Откривме дека постојат бројни атмосферски структури кои овозможуваат планетата да биде доволно топла за може да има течна вода на површината. Тоа ја прави силен кандидат на планета погодна за живот“, вели водачот на истражувањето Аомава Шилдс.

Шилдс вели дека, за да се одржи температурата на Кеплер-62ф доволно висока што ќе овозможи да биде константно погодна за живот преку целата година, потребно е да има атмосфера што е три до пет пати погуста од атмосферата на Земјата и сочинета целосно од јаглерод диоксид. (Ова е слично како да се заменат сите молекули од атмосферата на Земјата со јаглерод диоксид, што значи дека планетата би имала 2.500 пати повеќе јаглерод диоксид во својата атмосфера). Возможно е планетата да има толку висока концентрација на јаглерод диоксид, бидејќи е многу оддалечена од своето сонце, а гасот би се собирал во атмосферата на планетата кога температурата се намалува, со цел да се одржи планетата топла .Но, „одредени орбитални конфигурации“, би овозможиле температурите да паднат под нивото на мрзнење во некои делови од годината.

Шилдс истакнува дека методата што е користена во истражувањето, што претставува комбинација на два компјутерски модели, може да им помогне на астронаутите да ги проучуваат егзопланетите надвор од нашиот Сончев систем, со што би се пополнила празнината во податоците што се добиваат од телескопите.

Во моментов само неколку десетици од егзопланетите (од околу 2.300 колку што се досега откриени) се наоѓаат во т.н. „зона погодна за живот“, во суштина средини каде може да се најде вода во течна состојба.

“Овие модели ќе ни овозможат да направиме приоритетна листа на цели кои ќе треба да поблиску да ги надгледуваме со следната генерација на телескопи во потрага по знаци во атмосферата, за живот во други светови“, вели Шилдс.

Наодите се објавени во „Astrobiology“.

Поддржете ја нашата работа: