Нова теорија овозможува „Perpetuum mobile“

Вториот закон на термодинамиката вели дека ентропијата во Универзумот мора секогаш да се зголемува. Тоа е непроменлив закон на физиката и причина зошто не може да се направи „perpetuum mobile“, или машина која ќе работи бесконечно без никаков извор на енергија. Сепак, една група физичари можеби откриле начин како да го прекршат овој закон – барем во некои специфични околности.

Истражувачите од Националната лабораторија Аргон, развиле теоретски модел каде вториот закон се нарушува на молекуларно ниво.

Основната идеја позади ова откритие е „Н“-теоремата, која вели дека ако се помешаат две работи, една топла и една ладна, со време ќе се добие термодинамички еквилибриум и мешавината ќе биде нешто помеѓу топла и ладна. Оваа теорема се заснова врз статистичката инерпретација за начинот на кој се движат молекулите. Бидејќи е речиси невозможно да се следи секоја поединечна молекула, физичарите ги третираат како група и користат статистички податоци за да откријат како тие ќе се однесуваат.

Научниците од Аргон ја употребиле квантната механика и креирале квантна Н“– теорема, која е барем теоретски попрецизна од традиционалната теорема. Нивната нова формула открива дека во некои специјални случаи, ентропијата може фактички да се намали, барем за кратко време.

Неколку години пред Болцман да ја предложи Н-теоремата, друг физичар дошол до идеја како да го прекрши вториот закон на термодинамиката. Џејмс Кларк Максвел предложил хипотетички мисловен експеримент: Што ако мал измислен ентитет стои помеѓу топлото и ладното и го контролира нивното мешање? Овој измислен ентитет го добил називот „Максвелов демон“. Во суштина демонот би можел да ја „одмеша“ мешавината.

Излегува дека ова всушност не го крши вториот закон, бидејќи демонот создава повеќе ентропија отколку што елиминира. Во денешно време оваа улога ја игра струјата – ги одвојува топлото и ладното во климатизерите и фрижидерите.

Меѓутоа моделот што го предлагаат истражувачите од Аргон сугерира квантен демон кој всушност може да го прекрши вториот закон.

Ова е, се разбира теоретки, но доколку теоријата се покаже точна, квантниот демон би можел еден ден да ги напојува нашите климатизери и фрижидери, да ни заштеди струја и во исто време да ги измами сегашните закони на физиката.

Резултатите се објавени во „Scientific Reports“.

Поддржете ја нашата работа: