Кластерите се најголемите објекти што постојат во Универзумот. Тие се збир на стотици илјади галаксии кои поради гравитационите сили со текот на времето се доближиле. Во принцип, кластерите растат во големина преку спојување на галаксиите.
Системот познат како “El Gordo” е најголемиот познат кластер, кој е резултат на судир помеѓу два големи кластери. Научниците откриле дека процесот на судир го компресира гасот во секој кластер на многу високи температури што всушност свети во регионот на X-зраци. Во спектарот на X-зраци, овој облак од гас наликува на комета со две опашки кои се протегаат помеѓу центрите на двата кластери. Оваа специфична конфигурација им овозможила на научниците да ја одредат релативната брзина на судирот, која е екстремна (~2200 км/сек.) и се наоѓа на границата на она што го дозволува сегашната теорија за црната материја. Тоа значи дека енергијата која се ослободува е поголема од секој друг познат феномен, со исклучок на „Биг Бенг“.
Овие ретки примери на судир на кластери се чини дека го оспоруваат прифатеното гледиште дека црната материја е составена од тешки честички, со оглед на тоа дека такви честички досега не се откриени, и покрај напорите на Големиот хадронски судирач во Женева и експериментот „LUX“ во САД.
Том Бродхарст смета дека е потребен нов модел за подобро да се разбере мистериозната црна материја. Истражувањето е објавено во „The Astrophysical Journal“.