Италијанскиот неврохирург Серџо Канаверо пред две години стекна планетарна популарност со изјавата дека планира да ја изврши првата трансплантација на човечка глава.
И покрај бројните пречки од научна и етичка природа, се чини дека неговите намери се многу сериозни.
Минатата година овој хирург изведе процедура – како што тој ја нарекува „потврда на концептот“ каде го пресече ‘рбетниот мозок на куче и повторно го спои, што претставува најголемата пречка за комплетирање на процедурата кај луѓе.
Неодамна Канаверо објави детали од уште една студија каде тој и хирургот Сајопиг Рен, прикачиле глава од глушец на тело од стаорец. Истата процедура ја примениле и на неколку други животни, создавајќи група од двоглави животни. Повеќето од животните живееле само по некој ден- двоглавите стаорци во просек по 36 часа, додека деталите во врска со кучето не се објавени.
Меѓутоа, целта на Канаверо не била животните да преживет, туку како што истакнува, експериментот да послужи како свовиден доказ дека е можно слични поцедури да се изведат и кај луѓе.
Сепак, пред да може трансплантацијата на глава да стане реалност, Канаверо ќе мора да се соочи со неколку големи препреки.
Како прво, главата за разлика од другите органи не може долго да остане во функционална состојба ако се одвои од телото. Ако се чуваат во физиолошки раствор и на ниска температура, бубрезите можат да опстанат до 48 часа, црниот дроб 24 часа, а срцето до 10 часа. Меѓутоа главата не е посебен орган, туку сложен дел од телото кој содржи два важни системи – питуитарниот, кој го контролира лачењето на хормоните во телото и саливарниот, кој продуцира плунка.
Истражувањата спроведени на животни покажале дека крвниот притисок во главата драматично паѓа, што предизвикува недостаток на крв и кислород во мозокот, по што следи кома, а потоа и смрт.
Во својата студија Канаверо се обидел овој проблем да го реши преку снабдување на главата со крв од трет стаорец, која се доставува додека главата од едниот глодар се пресадува на другиот глодар.
Втора голема пречка е имунолошката реакција на организмот на страното тело, односно на новата глава. Бидејќи главата е сложен систем составен од многу органи, ризикот за отфрлање е значително поголем.
Целата операцијата треба да се изведе за помалку од еден час, а двете глави треба да бидат отстранети во исто време. Во еден од најконтроверзните експерименти во историјата, спроведен во 1970-тите години, неврохирургот Роберт Вајт пресадил глава од еден мајмун на телото на друг. Животното умрело после осум дека, кога телото конечно ја отфрлило главата. Во својот извештај Вајт истакнал дека е потребно двете тела да бидат оладени пред операцијата, а Канаверо во последната студија ги потврдува наводите на Вајт.
Она што секако претставува најголем предизвик е совршеното спојување на ‘рбетниот мозок со мозокот, за да може главата да комуницира и да го контролира новото тело.
Ова за жал не се случило за време на трансплантацијата на главата кај мајмунот. И покрај тоа што животното можело да гледа, да ги движи очите и да јаде, било парализирано од вратот надолу. Иако се чини дека спојувањето било успешно изведено во случајот со кучето, експертите наведуваат дека Канаверо уште не доставил конкретни докази за тоа.
На една ТЕД конференција, Канаверо објаснува дека користел „специјален вид на биолошки лепак“, наречен полиетилен гликол, кој е од клучна важност за да може успешно да се изведе овој хируршки зафат.
Некои хирурзи во триесетите и четириесетите години од минатиот век, исто така ја користеле оваа супстанција, која претставува еден вид на пластика, но само при пресадување на глава од едно куче на телото на друго куче. Тоа значи дека кучето на крај имало две глави, односно дека едната глава не била целосно заменета со друга глава.
Канаверо планира пред операцијата пациентот да го стави во состојба на кома околу еден месец, за да му овозможи на ‘рбетниот мозок да се спои. Но, професорот Хари Голдсмит од Универзитетот во Калифорнија, Дејвис вели дека медицински индуцираната кома често доведува до инфекции, згрутчувања на крвта и намалена мозочна активност.
Пред да може овој зафат конечно да се спроведе на луѓе, потребно е да биде целосно тестиран на животни. Меѓутоа, ваков вид на експерименти во САД се забранети бидејќи вклучуваат голема суровост кон животните. Сепак, Канаверо и неговиот тим ќе се обидат да изведат целосно пресадување на глава кај стаорци во земјите каде овој вид на зафати се дозволени.