Фосилните остатоци на суштеството наречено „Pappochelys rosinae“ се откриени во јужната германска покраина Баден- Виртемберг и се смета дека се околу 240 милиони години стари.
Рептилот имал мал череп со кратка шилеста муцка. Бил долг околу 20 см и имал долга опашка. Истражувачите од Германија и од САД проучувале десетина примероци од ова животно, од кои повеќето биле мали и нецелосни, но научниците успеале да состават целосен скелет, како и поголемиот дел од черепот. Фосилите биле пронајдени во област што некогаш била езеро, што укажува на тоа дека се работи за водно животно.
Научниците сметаат дека ова животно е посредник помеѓу попримитивниот „Eunotosaurus“ (кој немал оклоп) и „Odontochelys“, првиот познат вид на желка, кој имал оклоп сличен на денешните желки. Новиот вид „Pappochelys“ нема оклоп, но коските на долната страна се поразвиени и поблиску до спојување, што укажува на процесот на формирање на оклопот.
Истражувањето е објавено во „Nature“.