Во април оваа година „Тојота“ го претстави прототипот на возилото чија шасија има способност да ја одбива водата и калта , меѓутоа новиот материјал кој се истражува треба да донесе револуција.
Покрај водените капки, и капките масло се лизгаат од оваа нова класа на високо флуорирани супер отпорни полимери, што не беше случај со претходните материјали.
Фундаменталните истражувања во оваа област се насочени, меѓу другото, кон употребата на овој нов вид на материјал како универзален заштитен премаз. Ваквиот премаз доколку се нанесе на површини како: фасади на згради, автомобили, чевли, мобилни телефони итн. би значело крај за графитите, дамките, влагата и нечистотијата.
Овој феномен на одбивање на водата е познат кај листовите од зелка, како и кај растението лотос, каде што капките вода едноставно се лизгаат. Овој ефект долго се користел во техниката за производство на груби површини со специјални хемиски својства.
„Меѓутоа, ова не важи за маслото“, вели д-р Бастијан Рап од Институтот за технологија „Karlsruhe“. „За површините да го одбиваат маслото потребни се флуорополимери“, објаснува д-р Рап во објавата на сајтот на универзитетот.
Флуорополимерите се пластики со голема отпорност на топлина и хемиска стабилност. Тефлонот, кој ни е познат на сите како материјал кој го спречува залепувањето на храната на тавчињата, припаѓа на оваа категорија на супстанци.
„Со комбинирањето на хемиските својства на флуорополимерите и цврстината на лотосот, се добива површина која ќе ги одбива и капките вода и капките масло“, вели д-р Рап. Тој веќе успеал да произведе таква супер отпорна површина со ефектот на лотус 2.0 во лабораторија, меѓутоа при практичната употреба се покажало дека таквата површина не е стабилна. Голем проблем е абразивноста, па затоа д-р Рап работи на развојот на нова класа на флуорирани полимери, наречени „флуоропори“ кои би го постигнале ефектот на лотус 2.0 на скоро секоја површина.
Со помош на „флуоропор“ би можеле да се произведат заштитни премази за сите видови на дамки, како на пр. заштита на прозорците на автомобилите со што би се спречила кондензацијата на водата и смрзнувањето во зима.
Сојузното Министерство за образование и истражување на Германија (BMBF) го финансира овој проект со 2,85 милиони евра, со што д-р Рап ќе треба да оформи млада истражувачка група во следните 4 години.