Сите организми на Земјата се класифицирани како прокариоти – кои имаат прости клетки, или како еукариоти – кои имаат поголеми посложени клетки (од кои се изградени животните, растенијата и габите). Но, овие два типа на клетки се толку различни што начинот на кој едните еволуирале од другите отсекогаш ги интересирал научниците.
Новооткриените микроби, опишани во списанието „Nature“, помагаат да се објасни тоа бидејќи може да го претставуваат „преминот“ од прокариоти во еукариоти. Тие се наречени „Lokiarchaeota“ и биле изолирани од ладните морски седименти на Арктичкиот гребен.
Според д-р Тајс Етема, водечки автор на истражувањето, „Lokiarchaeota“ припаѓаат на групата на археи – кои се сметаат за предци на еукариотите. Клучниот настан во еволуцијата на еукариотите било стекнувањето на митохондриите. „Lokiarchaeota“ ги немаат, со што не се разликуваат многу од прокариотите. Така, всушност „Lokiarchaeota“ претставуваат нивни најблиски прокариотски организми, па прашањето кога точно овие клетки еволуирале останува отворено. Научниците пронашле гени во „Lokiarchaeota“ кои може да содржат некои показатели за тоа.
Сличностите помеѓу нив покажуваат дека тие имале заеднички предок пред околу две милијарди години, и овој заеднички предок имал „почетен комплет“ на гени кои ја зголемуваат сложеноста на клетките во денешните еукариоти.
„Фактот што ги пронајдовме истите гени во „Lokiarchaeota“ не значи дека тие ја имаат истата функција како и кај еукариотите. Треба да спроведеме експерименти за да ја дознаеме нивната функција, а за тоа ни се потребни вистински клетки“, објаснува д-р Етема.
Тимот на научници морал да ги реконструира новите организми од генетскиот материјал пронајден во седиментите, но изолирањето на клетките ќе биде вистински предизвик. Нивното одгледување во лабораторија не е возможно, бидејќи нивната делба на клетки е многу ретка (некои предвидуваат една на секои 10 години), па затоа научниците се во потрага по овие организми на други места, како на пр. топлите извори во Националниот парк „Yellowstone“ во САД, и во Нов Зеланд. Научниците очекуваат во блиска иднина да откријат и уште поблиски роднини на еукариотите.