Нуклеарките спас за климатските промени?

Ваквиот пресврт драстично ќе ги намали емисиите на стакленички гасови, постигнувајќи ги глобалните напори за борба против глобалното затоплување и истовремено справувајќи се со зголемената побарувачка на струја, пред се концентрирана во земјите во развој. Недостасуваат само пари, волја и средства за да се изградат стотици нуклеарни реактори, што во голема мера се должи на загриженоста за безбедноста и трошоците.

„Ако сме сериозни за намалувањето на емисијата на стакленички гасови, ниеден климатски неутрален извор не треба да се игнорира“, вели Стафан Кјувист, физичар на Универзитетот во Упсала, кој ги предводи напорите за развој на овој план.

Податоците на кои се потпира Кјувист, заедно со неговиот колега Бери Брук од Универзитетот во Тасманија, потекнуваат од Шведска и Франција. Шведска започнала со истражувања за изградба на нуклеарен реактор уште во 1962 година, за да се одвикне државата од горење на нафта за добивање на електрична енергија, како и за да се заштитат реките од хидроелектричните брани. До 1972 година започнал да работи првиот нуклеарен реактор. Цената била околу 1.400 долари за киловат енергија, што е евтино во споредба со 7-те илјади долари за киловат кај двата нови напредни реактори кои во моментов се градат во САД. До 1986 година, со дополнителни 11 реактори, половина од електричната енергија во Шведска се произведувала од нуклеарна енергија и емисиите на јаглерод диоксид по жител се намалиле за 75%, во споредба со врвот во 1970 година.

Франција, како поголема нација, има слична приказна – се ослободила од увезувањето на фосилни горива преку изградбата на 59 нуклеарни реактори во 1970-тите и 1980-тите, кои денес произведуваат околу 80% од електричната енергија во државата.

„Се што е потребно за Кина, Индија и САД да се угледаат на овие нуклеарни пионери е политичка волја, стратешко економско планирање и прифаќање од јавноста“, велат Кјувист и Брук. На пример, сите ќе треба да се посветат на еден дизајн на реакторите, како што е случајот во Шведска и Франција, и ќе треба да добијат финансиска поддршка од националните влади за нивна изградба.

„Државата реагираше на криза, во тоа време – цената на нафтата, и спроведе план кој за 15 години го реши проблемот. Истото може да се направи и со кризата денес – климатските промени“, вели Кјувист.

Според бројките извлечени од истражувачкиот тим, врз основа на искуствата на Шведска и Франција, најдоброто сценарио за 100 процентен трансфер на нуклеарна енергија би му овозможил на светот да престане да согорува фосилни горива и да започне со фисија на ураниум во рамките на 34 години. Се разбира, за ова ќе биде потребно поголемо ископување и обработка на ураниум, како и развој и изградба на брзи реактори – нуклеарна технологија која работи со побрзи неутрони и поради тоа може да се справи со радиоактивниот отпад како плутониумот, за да произведе гориво. „Ниту еден друг извор на електрична енергија (без јаглерод) не се шири толку брзо како нуклеарниот“, објаснува Кјувист.

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) очекува дека нуклеарната енергија ќе се прошири низ целиот свет до 2030 година, со оглед на фактот дека се’ повеќе реактори се градат во Азија и Блискиот Исток. Но, дури и Шведска, која служи како пример за другите, размислува да ги затвори реакторите (а веќе затвори два од нив порано отколку предвиденото). Како резултат на тоа, дополнителни стотици милиони метрички тони на јаглерод се испуштаат во атмосферата. Франција пак донесе закон за да ја намали својата зависност од нуклеарната енергија, во корист на обновливите извори на енергија. Дури и меѓународната агенција за атомска енергија предвидува дека зависноста од нуклеарната енергија во Европа ќе се намали во текот на следните децении.

Овие фактори укажуваат на тоа дека светскиот напор да се следи примерот на Шведска е возможен, но не и веројатен. „Се додека луѓето го ставаат стравот од нуклеарните несреќи над стравот од климатските промени, тој тренд нема да се смени“, вели Брук. „Но, досега, не е применета ниту една технологија за обновлива енергија ниту пак енергетски ефикасен пристап на потребниот размер и со потребната брзина“, додава тој.

Поддржете ја нашата работа: