Класичните електрични светилки претставуваа благодет за човештвото откако беа создадени во 19-тиот век. Но, поради нивната исклучително ниска енергетска ефикасност во последниве години масовно се исфрлаат од употреба и се заменуваат со енергетски и еколошки поефикасни варијанти.
Сепак, благодарение на новиот вид вакви светилки развиени од научниците од МИТ во САД, обичните сијалици би можеле повторно да се вратат во употреба.
Научниците велат дека развиле техника со која може значително да се зголеми ефикасноста на обичните светилки. Тие тврдат дека доколку нивната технологија го достигне целосниот капацитет, ова би можело да понуди многу поголема заштеда на енергија од класичните штедливи светилки, како што се флуоресцентните и ЛЕД светилките.
Обичните светилки создаваат светлина преку користење на електрична енергија со која се загрева тенка жичка од волфрам на температура од околу 2.700 степени Целзиусови. Оваа интензивна топлина предивикува жичката да емитува видлива светлина. Но светилките од овој тип продуцираат и дополнително зрачење што не може да го видиме, како инфрацрвеното зрачење. Тоа ги прави овие светилки исклучително неефикасни бидејќи претвораат само 2 до 3 проценти од енергијата што ја користат во светлина, додека остатокот отпаѓа како топлина. Но сега, истражувачите од МИТ велат дека оваа слабост на обичните светилки, ја претвориле во предност.
Со помош на нанотехнологија, тие направиле структура со која се опкружува жичката во светилката. Оваа структура, која е изработена од една форма на фотонски кристали, го апсорбира инфрацрвеното зрачење, го рефлектира назад во жичката и повторно го емитува како видлива светлина.
Со овој систем, истражувачите успеале да ја зголемат енергетската ефикасност на обичната светилка на 6,6 проценти.
Иаку ова е сѐ уште под ефикасноста на флуоресцентните (со ефикасност помеѓу 7 и 13 проценти) и ЛЕД светилките (помеѓу 5 и 13 проценти), истражувачите веруваат дека технологијата може во иднина да достигне ефикасност и до 40 проценти, што значи дека обичните светилки повторно би можеле масовно да се користат.
Дотогаш, велат истражувачите, најдобра опција за потрошувачите остануваат штедливите светилки.
Истражувањето е објавено во списанието „Nature Nanotechnology“.