Сите се сложуваме дека е погрешно да се заробуваат и малтретираат луѓето, да им се одземе имотот или да се врши каква било дискриминација врз нив. Но, зошто е погрешно?
За одговор, повеќето луѓе се вртат кон религијата (затоа што Бог вели така), кон философијата (бидејќи така е правилно), или кон политичката теорија (бидејќи социјалните норми велат така).
Во книгата „The Moral Arc“, објавенa минатата година, се гледа како науката, исто така, може да придонесе за одговор.
„Мојата појдовна точка за моралот е опстанокот и цутењето на суштествата со чувства. Под опстанок, подразбирам инстинкт за живот, а под цутење, мислам на соодветна храна, сигурност, засолниште и социјални односи за физичкото и менталното здравје. Под суштество обдарено со чувства, подразбирам емоција, перцепција, сензитивност, одговорност, свесност и особено, капацитет за чувствување и страдање. Наместо да се користат критериуми како што се употреба на алатки, јазик, расудување и интелигенција, јас одам подлабоко во еволуцијата на нашите мозоци, кон основните емотивни капацитети“.
Да ја разгледаме научната позадина зад оваа гледна точка:
Според Декларацијата на Кембриџ за свесноста – во соопштението издадено во 2012 година од страна на меѓународна група на истакнати когнитивни невролози, неврофармаколози и останати експерти, постои континуитет помеѓу луѓето и животните, а сетилноста е најважната заедничка карактеристика.
Нервните патишта на емоциите, на пример, не се ограничени на повисоко ниво во кортикалните структури во мозокот, но се наоѓаат во еволуциски постарите субкортикални региони. Вештачкото стимулирање на истите региони кај човечки и животински мозок произведува исти емоционални реакции кај двете. Вниманието, донесувањето на одлуки и емотивниот капацитет да се чувствува и страда можат да се најдат низ гранките на еволутивното дрво. Тоа е она што ги спојува сите луѓе и многу животни во нашата морална сфера.
„Арката на моралот навистина се движи во прогресивна линија, со тоа што мислам на подобрување на преживувањето и процутот на индивидуални суштества со чувства. Го нагласувам поединецот, бидејќи тој опстојува и цвета, или страда и умира, а не група, племе, раса, пол, држава или кој било друг колектив. Индивидуалните суштества перцепираат, чувствуваат и страдаат, а не населението, расите или одредени групи. Историски гледано, злоупотребата е на највисоко ниво кога поединецот е жртвуван за доброто на групата. Тоа се случува кога на луѓето им се суди според бојата на нивната кожа, полот, сексуалната ориентација, политичката или религиозната припадност, наместо да се третира нивниот индивидуален карактер“.
Револуциите за човековите права во изминатите три века се фокусираа речиси целосно на слободата и автономијата на поединци, а не на колективи. Поединците гласаат, а не групите. Поединци кои сакаат да бидат третирани подеднакво. Всушност, повеќето права за заштита се за поединци дискриминирани како одделни членови на групата, како што се расата, верата, бојата на кожата, полот.
Единствен и посебен организам во биологијата и општеството е исто што и атомот во физиката – основна единица. Првиот принцип на преживување и цутење на суштествата со свесност, се заснова на биолошкиот факт дека тоа е дискретен организам кој е главна мета на природната селекција и социјалната еволуција. Ние сме социјални видови, но прво и основно сме поединци во рамките на општествените групи.
Оваа желба да се преживее е дел од нашата суштина, а со тоа и слободата на тежнеење кон исполнувањето на таа суштина е природно право, универзално, неотуѓиво и не зависи од законите и обичаите на одредена култура или од владата. Како природно право, личната автономија на поединецот ни дава критериуми со кои можеме да судиме кои дејства се правилни: Дали тие го зголемуваат или намалуваат опстанокот и развојот на индивидуалното свесно суштество? Ропство, тортура, грабеж и дискриминација доведуваат до намалување на стапката на преживување и развој, па заклучуваме дека тоа се морално погрешни акти.