Од каде произлегува ракувањето?

Сте се запрашале ли некогаш од каде потекнува ракувањето? Некои сметаат дека потекнува уште од антички Вавилон кога владетелот се ракувал со статуата на богот, што значело божествена размена на моќ. Почесто верување е дека потекнува од Средниот Век кога мажите се ракувале за да проверат дали носат оружје.

Денес, ракувањето се користи пред сè за поздравување и без разлика дали лабаво или цврсто, пренесува потсвесни социјални знаци. Според новото истражување, исто така пренесува и хемиски сигнали кои би можеле да објаснат зошто тој поздрав еволуирал.

Во истражувањето, објавено во „eLife“, научниците од Институтот за наука Вајнцман во Израел, откриле дека луѓето го користат допирот при ракувањето за да ги „земат и помирисаат“ сигналните молекули.

За време на експериментот, околу 280 луѓе се поздравиле, со или без ракување. Биле снимени со скриена камера и научниците набљудувале колку пати ќе си го допрат лицето. Откриле дека луѓето постојано си ги мирисаат рацете, 22% од времето раката им била пред носот. Оние лица кои се поздравиле со ракување значително повеќе си го допирале лицето со десната рака. Меѓутоа, ова било случај само кога лицето ќе се поздравело со друго лице од ист пол.

За да проверат дали допирањето на лицето навистина се користи како начин за да се помириса раката со која се ракувале, научниците им поставиле катети во носот на субјектите за да го мерат протокот на воздух. Откриле дека кога раката била во близина на носот, протокот на воздух двојно се зголемувал. Со други зборови, субјектите мирисале.

„Познато е дека испуштаме мириси кои влијаат на однесувањето и перцепцијата на другите, но за разлика од другите цицаци не ги разменуваме тие мириси отворено“, вели професорот Ноам Собел, претседател на одделот за невробиологија на институтот. „Ракувањето е дискретен начин за активното барање на социјални хемиски сигнали“.

Претходните истражувања сугерираат дека човечките хемиски сигнали играат улога во изборот на партнерот, пренесувањето на страв, менувањето на мозочната активност и синхронизацијата на менструалниот циклус.

За да проверат дека при ракувањето ефикасно се пренесуваат овие сигнали, научниците ја испитале содржината на стерилни ракавици кои ги искористиле при ракувањето. На ракавиците ги откриле хемикалиите „squalene“ и „hexadecanoic acid“, кои се смета дека играат улога во социјалната сигнализација кај кучињата и стаорците.

„Веќе е познато дека преку ракувањето се пренесуваат голем број на информации во зависност од времетраењето, силата и држењето на раката при гестот. Сметаме дека можеби еволуирало за да служи како еден од многуте начини за пренесување на хемиските сигнали и дека се’ уште и  служи на таа намена на потсвесен начин“, истакнуваат истражувачите.

Дискусија

Коментари