Една од работите што се постојан интерес на експертите за воздухопловен сообраќај е да го направат времето на патувањето до сите делови во светот што пократко.
Се чини дека новата генерација на ваздухоплови се доближи еден чекор поблиску откако во средата успешно беше тестиран новиот мотор, за кој се верува дека еден ден ќе ги движи хиперсоничните авиони.
Тестирањето е извршено во најголемата копнена база за тестирање во Вумера, Јужна Австралија и е дел од серијата од десет одделни тестирања што ги спроведува тим составен од американски и австралиски воени научници.
Тие успеале да испратат експериментален „scramjet“ мотор закачен за ракетен засилувач на височина од 278 километри со максимална брзина од 7,5 Мах-а – што е седум пати побрзо од брзината на звукот.
Тоа е далеку над брзината што успеал да ја постигне „суперсоничниот“ авион Конкорд и го поминува прагот за „хиперсонично патување“ – што по дефиниција претставува патување со брзина за пет пати поголема од брзината на звукот.
Со оваа брзина се стига во било кој дел од светот за два часа.
Оваа заедничка американско–австралиска програма што се нарекува „HIFiRE“ (International Flight Research Experimentation), потпомогната од авионскиот гигант Боинг и Германската вселенска агенција ДЛР, има за цел да развие мотор кој трајно ќе лета со брзина од 7 Мах-а. Сегашниот рекорд постигнат со воздухоплов со екипаж изнесува 6,72 Мах-а, кој бил поставен во 1960 година со експерименталниот авион „US X-15“. Овој рекорд и понатака останува да важи, со оглед на тоа дека тестирањето на „HIFiRE“ е извршено без екипаж.
Ако сѐ оди како што треба, следното тестирање е планирано за 2017 година, кога тимот ќе се обиде да го одвои моторот од ракетниот засилувач и да продолжи да лета сам. Се очекува овој проект кој е започнат во 2009 година, кога е направено првото тестирање, да биде завршен во 2018 година.
„Практичната примена на ова е што може да се поминат големи растојанија насекаде на Земјата многу, многу брзо, но исто така може да биде многу корисна и како алтернатива за ракетите за поставување на сателити во вселената“- вели Мајкл Смарт, експерт за хиперсоника, вклучен во програмата.
Проценките на тимот се дека ваков мотор може да ве однесе од Лондон до Њујорк за 35 минути, а од Лондон до Сиднеј за 2 часа.
Што всушност претставува „scramjet“ мотор?
Со наједноставни зборови, ова претставува суперсоничен мотор со внатрешно согорување што согорува течност користејќи го кислородот вшмукан од атмосферата. Ова значи дека за разлика од традиционалните пропулзивни системи, леталото нема потреба да носи со себе течен кислород за горивото, што го прави целиот систем многу полесен, а со тоа и побрз.
Но, за да може правилно да функционира и да го компримира воздухот што навлегува, без да има потреба од подвижни делови, мора да патува со брзина поголема од брзината на звукот, приближно со 4 Маха-а.