Од научна фантастика до иновација

Центарот, во соработка со организации како „IBM“ и Светската банка, презентира проекти  базирани на претпоставката дека имагинацијата е суштинска компонента на најголемите научни и технолошки достигнувања на нашето општество. Ако сакаме да се случат  големи работи, тогаш ние треба да ја потхраниме сопствената имагинација со научна фантастика. Забележаниот недостаток на имагинација во нашето општество ги поттикна експертите за создавање на овој проект.

Во предговорот кон антологијата под наслов „Innovation Starvation”, авторот Нил Стефенсон, еден од зачетниците на проектот, го објаснува проблемот.

Научниците и инженерите на претходните генерации имале амбиција да „изградат работи коишто ќе ги решат вековните проблеми, ќе ја трансформираат општата перцепција, ќе ја изградат економијата и ќе обезбедат работни места за бројната средна класа”. Зенитот на оваа херојска доба од науката и технологијата е програмата Аполон. Во 1960-тите испративме човек на Месечината, но сега ние немаме ниту еден вселенски брод.

„Јас сум загрижен”, пишува Стeфенсон. „Нашата неспособност да одговориме на постигнувањата на вселенската програма од минатото може да претставува симптом за општиот неуспех на нашето општество за иновации“.

Антологиските футуристички приказни се поттик за технолошки експерименти. Во неговата приказна, Стефенсон истражува што ќе биде потребно за да се изгради највисоката кула на светот. Други приказни ги истражуваат можностите за генетска терапија за дислексија, социјален инженеринг за обезбедување на американско-мексиканската граница, јаглерод-неутрални градови, регулатори на хормони, летечки костуми, беспилотни летала и радикално нови алатки за социјално вмрежување. Сите големи нешта звучат провокативно и забавно, но колку навистина научната фантастика влијае врз развојот на технологијата?

Постојат класични примери каде што авторите на научна фантастика успешно го предвиделе менувањето на технологијата во реалниот свет. Ракетите за патување во вселената биле популарни во фикцијата со децении пред да станат реалност. Во 1945 година Артур Кларк објавил идеја за геостационарен комуникациски сателит, 20 години пред да биде лансиран. Во 1982 година, Вилијам Гибсон предвидувал свет доминиран од компјутерска мрежа, кој го нарекол „сајбер-простор.” Триесет години пред „Проектот Менхетн“, Х.Џ. Велс напиша роман „The World Set Free“ за атомска енергија и нуклеарна војна.  Оттука идејата за нуклеарна верижна реакција, што води директно до првите нуклеарни реактори и оружје.

Поголем проблем на идејата дека научната фантастика треба да ја инспирира науката е тоа што истражуваните теми од научната фантастика се многу селективни. Авторите генерално се одлучуваат за комерцијални теми. Како аргумент против е и фактот дека голем дел од повеќето научни достигнувања се случуваат без некој да пишува визионерски приказни за тоа.

Научниците и инженерите немаат недостаток на имагинација, туку на стимулации и  поддршка за преземање на интелектуални ризици. За жал, неуспехот е скап, и недостатокот на пари е веројатно најдоброто објаснување зошто нашето општество не ги создава иновациите кои Стефенсон сака да ги види. Нам секако ни се потребни инспиративни приказни во науката, но некој треба да ја финансира реализацијата на истите.

Поддржете ја нашата работа: