Научникот Крег Вајс и неговите колеги од Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, успеале да ги вратат протеините од јајце кое било варено 90 минути, во нивната претходна „неварена“ состојба.
Протеините се природни полемери и се создаваат со соединување на нивните „градежни“ елементи што се нарекуваат амино киселини, кои се разликуваат по форма, големина и хемиски состав. Ова овозможува протеините да се превиткуваат во многу специфични форми –слично како оригамите – кои одговараат на нивната намена.
Варењето и изложеноста на јаки хемикалии, предизвикува амино киселините да се „реорганизираат“, со што протеините добиваат потполно нови карактеристики. Затоа со варењето, белката од јајцето се претвора во бела цврста маса.
За да видат дали овој процес може да се врати во обратна насока, научниците зеле примероци од овие денатурирани протеини и најпрвин ги помешале со јак раствор со хемикалијата уреа, а потоа примероците ги ставиле во тенки милиметарски цевчиња. Овие цевчиња, постaвени под агол од 45 степени, ги центрифугирале протеините, процес со кој постигнале протините да се „одвиткаат“. Потоа ги поставиле во солен раствор и забележaле дека протините се вратиле во нивната првобитна нормална форма.
Овие наоди се многу важни поради честата терапевтска употреба на протеините, како во случајот со инсулин за третман на дијабетес. Но, нивното производство честопати е многу скапо, бидејќи се произведуваат во специјални системи од клеточни култури.
Обидите да се постигне евтино и масовно производство на протеините, како што е создавање на протеини во бактерии не беше успешно, бидејќи поради условите внатре во бактериите, создадените протеини немале терапевтски својства, а нивната „преработка“ е долг и скап процес.
Ако оваа техника успее тоа значително би ги намалило трошоците и времето потребно за создавање на протеини. Сепак се’ уште е рано да се предвиди, бидејќи научниците оваа техника ја испробале само на некои релативно едноставни протеини од белката на јајцето.