Сите ние мислиме дека квантната физика го опишува однесувањето на субатомските честички. Но, нов тренд во психологијата користи квантна физика за да го објасни човековото парадоксално размислување и истовремено може да им помогне на истражувачите да решат одредени контрадикторности кај резултатите од претходни психолошки студии.
Според Женг Џојс Ванг, професор на Државниот универзитет во Охајо, математичките равенки и аксиоми кои најблиску одговараат на човековото однесување се оние вкоренети во квантната физика. Таа вели дека кога се појавува нешто што не е во согласност со класичните теории, го етикетираме како ирационално. Но, од перспективата на квантната когниција, тие откритија не се ирационални, туку се во согласност со квантната теорија и со начинот на кој луѓето се однесуваат.
Нејзините нови теоретски пристапи кон психологијата сугерираат дека размислувањето на квантен начин, односно начин кој не ги следи конвенционалните пристапи засновани на класичната теорија на веројатност, им овозможуваат на луѓето да донесуваат важни одлуки кога се несигурни и да се соочуваат со сложени прашања и покрај ограничените ментални ресурси.
Таа нагласува дека нејзиното истражување не претпоставува, ниту пак предлага дека нашите мозоци се квантни компјутери, бидејќи не се фокусира на физичките аспекти на мозокот, туку на тоа како апстрактните математички принципи на квантната теорија можат да го објаснат човековото размислување и однесување.
Квантната физика се занимава со двосмисленоста во физичкиот свет. Состојбата на една честичка, нејзината енергија и локација – сите тие се несигурни и треба да се пресметаат во однос на веројатноста. Квантната когниција е она што се случува кога луѓето треба ментално да се справат со двосмисленоста. На пример, понекогаш не сме сигурни како се чувствуваме или што сакаме за вечера и мора веднаш да смислиме одговор. Тоа е квантна когниција, која кога се користи за да се опише нашиот несигурен ум е прилично интуитивна.
Нејзините истражувања се објавени во „Current Directions in Psychological Science“ и „Trends in Cognitive Sciences“.