Одредување на времето според бојата на светлината

Животните го користат својот внатрешен мозочен часовник за да го одредат времето и да го прилагодат своето однесување во однос на тоа дали доаѓа ден или ноќ. Сепак внатрешниот часовник треба да биде синхронизиран со надворешното време.

Се смета дека животните го одредуваат надворешното време според големите промени во интензитетот на светлината што се случуваат во раните утрински часови и во самракот. Во текот на овие промени се менуваат и боите на светлината, но досега не беше јасно дали боите имаат влијание на процесите на синхронизација на биолошкиот часовник со сончевиот циклус.

Истражувањето направено од научниците од Универзитетот во Манчестер, открива дека боите од светлината имаат големо влијание на тоа како мозокот го одредува времето во денот и како во согласност со тоа се менува физиологијата и однесувањето кај животните.

Научниците ги снимале електричните активности на делови од мозокот одговорни за биолошкиот часовник кај глувци на кои им биле покажани различни визуелни стимуланси. Се покажало дека многу неврони биле почувствителни на промените на боите помеѓу сина и жолта (кои се показатели за премин кон самрак), отколку на промените на интензитетот на светлината.

Кога животните неколку дена биле поставени во услови кои симулирале нормален премин од зора кон самрак, како што и се очекувало за ноќни животни, температурата на животните била највисока после самрак, кога доминира темно сина боја. Тоа било показател дека нивниот биолошки часовник функционира оптимално. Но, кога била промената јачината на светлината без промена на боите, глувците биле најактивни пред самрак, што укажувало на тоа дека нивниот биолошки часовник не бил усогласен соодветно со циклусите ден-ноќ.

SONY DSCИстражувачите нагласуваат дека овие сознанија можат да бидат применливи и кај луѓето, така што теоретски, со употреба на боите би  можело да се влијае на биолошкиот часовник кај луѓето што работат во смени или кај луѓето што патуваат да се минимизираат непријатните „jet lag“ ефекти.

Истражувањето е објавено во списанието „PLOS Biology“.

Енаука.мк (реобјавена статија)

Поддржете ја нашата работа: