Еден тим од научници пронашол еко-систем под земјата кој е двојно поголем и од Тихиот океан.
Се чини дека Земјата е далеко пожива одколку што може да замислиме. Ова го докажуваат и таканаречените deep life студии кои ја проучуваат длабочината на Земјата и нејзиниот состав.
Така во најновата студија, спроведена од страна на еден меѓународен тим од научници од проектот Deep Carbon Observatory се вели дека без оглед на екстремната температура, мрак, силен притисок и ограничени ресурси – подземната биосфера ја сочинуваат помеѓу 15 и 23 милијарди тони микроорганизми.
Истражувачите кои ги презентираа резултатите од студијата во средината на декември на редовниот годишен состанок на Американската геофизичка унија велат дека разновидноста на подземните видови може да се спореди со Амазон или Галапагос, но, за разлика од тие места, неговите подповршински делови дополнително треба да се истражат.
“Тоа е како да сте пронашле цел резервоар на живот на Земјата”, вели Карен Лојд од Универзитетот во Тенеси, во Ноксвил.
“Ние постојано откриваме нови видови на живот. Многу повеќе организми живеат во Земјата отколку на нејзината површина”, додава Лојд.
Тимот на истражувачи земал примероци од бунари, длабоки над пет километри, како и од подводни бунари за да конструира екосистемски модели и да процени колку јаглерод од органско потекло содржи внатрешноста на Земјата. Резултатите покажуваат дека 70 проценти од земјените бактерии и се наоѓаат под нејзината површина.
Исто така, пронајдени се и организми на 2,5 км. под површината за кои е установено дека таму живеат милиони години, независејќи од сончева енергија. Наместо тоа, метаногените археи пронашле начин да создаваат метан, кој го користат за замена или поправка на одредени делови од телата.
“Најчудната работа за мене е дека некои организми можат да постојат со милениуми. Тие се метаболички активни, но се во застој, со помалку енергија отколку што мислевме дека е потребно за одржување на животот”, вели Лојд.
Подземната биосфера е условена со геологијата и географијата, а нивниот вкупен волумен се проценува дека е над 2 милијарди километри кубни – и се очекува да се зголеми во иднина.
Научниците се обидуваат да ја установат границата преку која нема живот – но излегува дека, што подлабоко копаат, наоѓаат повеќе организми. Тековниот максимум е 122 степени, но се верува дека рекордот ќе биде оборен со нови истражувања со попрецизни и пософистицирани инструменти.