Опасна риба во водите на Медитеранот, опасност и за Јадранот

Опстанокот на еко-системот во Средоземното море е доведен во прашање откако последниве години во водите е забележано присуство на таканаречената „риба паун“, од родот Pterois.

Станува збор за инвазивен вид кој претставува опасност и за луѓето поради големиот број отровни боцки. Еколозите се загрижени бидејќи нивниот број е во постојан пораст, а речиси и да немаат природен непријател. Дополнително, нивното размножување го овозможува и глобалното затоплување, правејќи ги водите на Медитеранот соодветни за нивен опстанок.

 „Не можам доволно да нагласам колку е сериозен овој проблем и тоа не само за целиот Медитеран, туку и за Јадранот. Морскиот паун е најштетната риба која што ја имаме сретнато. Ако нешто не се преземе ќе настане непоправлива еколошка и економска штета“, предупредил Џејсон Спенсер, професор на Универзитетот во Плимут, Велика Британија, во изјава за весникот Гардијан.
Рибата Морски Паун, има впечатливо долгнавести и тенки перки кои на краевите се тенки како игла. Секоја од нив е поврзана со отровната кесичка. Ако ѝ се заканува опасност од некој предатор или пак, е допрена од човек, нејзините перки реагираат како поткожни игли инјектирајќи отров врз натрапникот.Луѓето кои биле боцнати од неа сведочат за неподносливи болки проследени со главоболки и повраќање. Видот потекнува од топлите води на јужниот Пацифик и Индискиот океан.

Во другите мориња почнале да се појавуваат пред десетина години, пуштени од акваристите кои ги оставиле откако премногу пораснале.

Како прва линија на одбрана Кипар дозволи подводен лов на овие примероци, а се планира и поголем проект за излов на оваа риба којашто веќе се појави и на јужните делови од Грција и Италија.
Поддржете ја нашата работа: