Едно истражување на Универзитетот во Арканзас укажува на тоа дека метаногените – едни од најпростите и најстарите организми на Земјата, би можеле да преживеат на Марс.
Метаногените се микроорганизми во групата на Археи кои користат водород како извор на енергија и јаглерод диоксид за да метаболизираат и произведуваат метан, исто така познат и како природен гас. Живеат во мочуриштата, но може да се сретнат и во стомакот на добитокот и други тревопасни животни, како и кај мртвите материи кои се распаѓаат.
Метаногените се анаеробни, што значи дека не им е потребен кислород. Не им се потребни ниту органски материи и немаат фотосинтеза, што значи дека може да преживеат под земјата, што ги прави идеални кандидати за живот на Марс.
Ребека Микол, докторант по планетарни науки, при лабораториски експеримент покажала дека 4 видови на метаногени (Methanothermobacter wolfeii, Methanosarcina barkeri, Methanobacterium formicicum, Methanococcus maripaludis) преживеале при услови на низок притисок кои ги симулираат подземните услови на Марс.
Таа и претходно открила дека 2 вида на метаногени може да ги преживеат циклусите на замрзнување и топење на Марс. Своите експерименти ги спроведувала заедно со Тимоти Крал, професор по биолошки науки и водечки научник во проектот, и ги претставила на Генералното собрание на Американското здружение за микробиологија од 30 мај до 2 јуни 2015 година, во Њу Орлеанс.