Ова истражување го оспорува традиционалното гледиште дека еволуцијата се базира единствено на преносот на гените од предците и покажува дека барем кај некои родови тој процес се’ уште трае.
Преносот на гени помеѓу организмите што живеат во иста животна средина е познат како хоризонтален пренос на гени. Тој е добро познат кај едноклеточните организми и се смета за важен процес кој објаснува, на пример, како бактериите еволуираат и развиваат отпорност на антибиотици.
Хоризонталниот пренос на гени, исто така, се смета за важен во еволуцијата на некои животни како што се цевчестите црви, коишто своите гени ги стекнале од микроорганизми и од растенија, како и некои бубачки кои добиваат бактериски гени за да можат да продуцираат ензими за дигестија на зрна од кафе. Сепак, идејата дека хоризонталниот пренос на гени се случува и кај покомплексните животни, како и кај човекот, долго време е предмет на дебата и оспорување.
„Ова е првото истражување кое покажува во колку голем обем, хоризонталниот пренос на гени се појавува кај животните како и кај човекот. Се чини дека овој процес придонел за еволуцијата на многу суштества и тоа е процес кој се’ уште се одвива. Можеби ќе треба повторно да го разгледаме нашиот став за еволуцијата“ – вели Алистер Остра, шеф на одделот за хемиски инжинеринг и биотехнологија во Универзитетот Кембриџ и водач на истражувањето.
Истражувачите ги проучувале геномите од 12 видови овошни мушички, четири видови од цевчести црви, како и четири видови на примати , меѓу кои и човекот. Тие пресметале колку добро секој од нивните гени се израмнил со слични гени од други видови, за да одредат колкава е можноста тие да се „странски“ гени. Преку споредба со другите видови, истражувачите биле во можност да оценат пред колку време најверојатно овие гени биле стекнати.
Кај човекот , биле потврдени 17 гени за кои од претходно се веруваше дека се стекнати преку хоризонтално пренесување и 128 дополнителни странски гени во човечкиот геном. Многу гени, меѓу кои и АБО гените, кои ја одредуваат крвната група кај една индивидуа, исто така е потврдено дека кај ’рбетниците се стекнати преку хоризонтален пренос на гените. Најголем број од нив се гени поврзани со ензимските процеси кои учествуваат во метаболизмот.
Кај човекот, некои од гените се вклучени во метаболизмот на мастите, додека други се вклучени во имунолошките процеси, како воспалителните одговор, имуната клеточна сигнализација и антимикробниот одговор. Други категории на гени пак се вклучени во метаболизмот на амино киселините, модификацијата на протеините и адиоксидативните активности.
Истражувачите идентификувале класа од организми од кои најверојатно се пренесени овие гени. Бактерии и протисти – една друга класа микроорганизми, биле најчестите донатори кај сите испитувани видови. Тие исто така идентификувале хоризонтален пренос на гени и од вируси кај околу 50 други надворешни гени кај приматите.
За некои гени е откриено дека потекнуваат од габи. Со ова се објаснува зошто во некои претходни истражувања кои биле фокусирани единствено на бактериите како извор на хоризонтален пренос на гени, првично била отфрлена идејата дека овие гени се „странци“ по потекло.
Откриено е дека најголемиот хоризонтален трансфер на гени е од прастаро доба и се појавува некаде помеѓу заедничкит предок на хордатите и заедничкиот предок на приматите.
Авторите на истражувањето нагласуваат дека анализите веројатно не го прикажуваат точниот обем на хоризонталниот пренос на гени кај животните и дека директниот пренос помеѓу комплексните повеќеклеточни организми е исто така веројатен и веќе познат кај некои домаќин-паразит релации.
Ова истражување исто така има и потенцијално влијание воопшто во секвентирањето на геномот. Кај овие проекти често пати се отфрлаат бактериските секвенци од резултатот под претпоставка дека тие се контаминирани.
„Важно е да се направи скрининг за контаминација кога правиме секвентирање на геномот, но нашето истражување покажува дека не смееме да занемариме дека потенцијалните бактериски секвенци се автентичен дел од геномот, кој потекнува од хоризонталниот пренос на гените“ – велат истражувачите.