Систем од реки е забележан на радарските снимки направени од јапонскиот сателит за набљудување на Земјата. Овие речни патишта со должина од околу 500 км, веројатно формирале дел од реката Траманрасет за која се претпоставува дека во дамнешните времиња се протегала низ делови на западна Сахара, од нејзиниот извор на јужниот дел од планината Атлас и висорамниата Хогар во денешен Алжир.
Научниците сметаат дека реката носела вода кон морето за време на повремените влажни периоди што го зафаќале регионот во текот на изминатите 245.000 години, а според проценките, последен ваков период бил веројатно пред 5.000 години. Но, наглите климатски промени предизвикале речиси целосно пресушување.
Реката им овозможувала на луѓето, растенијата и животинскиот свет да опстојуваат во она што денеска претставува напуштена земја и носела хранливи материи за морските организми. Доколку би постоел денеска, овој речен систем би бил 12-ти по големина на Земјата.
На сателитските снимки се забележува дека скриените речни корита совршено се совпаѓаат со огромниот подводен кањон КапТимрис што се протега до брегот на Мавританија. Овој кањон, кој прв пат е обележен во 2003 година, е широк 2,5 км и на места со длабочина од еден километар. Ова претставува релевантен доказ дека голем речен систем некогаш го полнел овој кањон.
Во својот полн тек, реката носела органски материи од копното во океанот, одржувајќи богат еко систем во кањонот. Но, реката била и деструктивна, спуштајќи се низ кањот во турболентни брзаци од вода и седимент. Слични водени токови сѐ уште се активни на брегот на Тајван што имаат доволно сила да ги уништат подводните кабли и другата инфраструктура. Ова исто така укажува и на тоа дека климатските промени се случуваат многу брзо. Сахара за само неколку илјади години од влажно и плодно место се претворила во сува безживотна пустина.
Наодите се објавени во списанието „Nature Communications“.