Тим на научници од „WCS“, Одделот за заштита на природата и дивиот свет во Мјанмар и Националниот Универзитет во Сингапур, на 30 мај 2014 година, откриле една птица додека истражувале напуштена земјоделска станица. Откако го слушнале карактеристичното црцорење, го споредиле со снимки и откриле дека се работи за птица од видот „Chrysomma altirostre“. Во наредните 48 часа пронашле уште птици во непосредна близина и успеале да направат одлични фотографии и да земат примероци од крв.
Оваа мала кафена птица, со големина на врабец, за прв пат била опишана од британскиот научник Т. К. Џердон во јануари 1862 година. По него, како и по својот пискав глас е позната и како „Jerdon’s babbler“.
„Ова откритие не само што докажува дека оваа птица се’ уште постои, туку дека и нивното живеалиште се’ уште е соодветно. Ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се идентификуваат останатите тревни површини каде што може да се најдат овие птици и да се развијат системи за да се зачуваат“, велат научниците.
Оваа птица во Мјанмар во моментов се смета за еден од трите подвидови пронајдени кај речните корита на Инд, Брамапутра и Ирвади во јужна Азија. Сите покажуваат суптилни разлики и може да се покаже дека се карактеристични видови. ДНК примероците земени од птицата ќе бидат проучувани во Одделот за биолошки науки на Националниот Универзитет во Сингапур за да се утврди дали се работи за вид или подвид. Ако се покаже дека е целосен вид на оваа птица, ќе претставува ексклузивен вид кој треба да се заштити поради своето ретко и загрозено живеалиште.
Ова истражување е дел од една поголема студија за генетиката на видовите на птици во Мјанмар, за да се утврди вистинското нво на разновидност на птиците во таа област. Во Мјанмар, во моментов, има повеќе видови на птици од која било друга земја во југоисточна Азија, а најверојатно тој број ќе се зголемува, како што се зголемуваат истражувањата на научниците. Откривањето е опишано во „Birding Asia“.