Откриен лек за срце од крлежи?

Научниците од Универзитетот во Оксфорд откриле дека плунката од крлежите може да се користи против миокардитис – опасна срцева болест која најчесто предизвикува ненедејна смрт кај млади лица.

Миокардитисот претставува воспаление на срцевиот мускул, често како резултат на вирусна инфекција. Околу 30 проценти од лицата со миокардитис развиваат дилатирана кардиомиопатија и срцева слабост, што во потешките случаи, доколку не се изврши трансплантација на срце, завршува со смрт.

Плунката на крлежите содржи од 1,500 до 3,000 протеини, во зависност од видот на крлежот.

Овие протеини, познати и како евасини им овозможуваат на крлежите неприметно да се хранат од својот домаќин и до 10 дена. Евасините кои крлежите ги внесуваат во телото на домаќинот ги блокираат хемокините на домаќинот со што ја спречуваат појавата на болното воспалени што нормално го алармира домаќинот за присуството на крлежот.

Научниците од Универзитетот во Оксфорд создале формула со која стотици протеини од плунката на крлежите се претворени во клетки од квасец, со цел да откријат кои од протеините имаат антивоспалителни својства.

Научниците откриле неколку нови евасини од крлежите, а истражувањето покажало дека еден од нив – „P991_AMBCA“, може да се врзе и да го блокира дејството на хемокините кои го предизвикуваат воспалението кај  миокардитисот, кај срцевиот и мозочниот удар.

„Миокардитисот е катастрофална болест за која во моментов има многу малку третмани. Ова истражување ни дава надеж дека ќе може да осмислиме адекватна антивоспалителна стратегија и да создадеме спасоносна терапија за ова многу опасно срцево заболување“– вели водачот на истражувањето Шоумо Батахарја, професор по кардиоваскуларна медицина на Универзитетот во Оксфорд.

Тој исто така верува дека истата терапија би можела да се користи и за лекување на други состојби каде воспалението игра голема улога, како при срцев и мозочен удар, панкреатитис и артритис.

Истражувањето е објавено во  „Scientific Reports“

Поддржете ја нашата работа: