Истражувачите од Институтот за истражувања Сенкенберг во Франкфурт го опишаа најстариот фосил од морска желка познат до денеска.
Фосилизираниот рептил е стар најмалку 120 милиони години, што го прави речиси 25 милиони години постар од најстариот, досега познат примерок. Скоро целосно сочуваниот скелет што потекнува од периодот Креда е долг околу два метри и ги има сите карактеристики на модерните морски желки. Ова необично откритие го направиле д-р. Едвин Кадена од Институтот Сенкенберг и неговиот колега Џ. Пархам од Државниот Универзитет во Калифорнија, Фулертон.
Фосилните остатоци од желката, што научниците ја нарекуваат „Desmatochelys padillai“. биле откиени и собрани од палеонтолози – аматери, во близината на градот „Villa de Leyva“ во Колумбија во 2007 година. Оттогаш биле чувани во Центарот за палеонтолошки истражувања во „Villa de Leyva“ и во Палеонтолошкиот музеј на Универзитетот Калифорнија.
Кадене и неговиот колега го испитувале речиси комплетниот скелет и уште четири други черепи и два делумно зачувани оклопи. Врз основа на различни морфолошки карактеристики, желката е сместена во групата на желки „Chelonioidea“. Желките од оваа група живеат во тропските и субтропските океани.
Морските желки потекнуваат од копнените и слатководните желки кои се појавиле пред околу 230 милиони години. За време на периодот Креда тие се поделиле во копнени и морски жители. Фосилите од овој период се многу ретки, па затоа е тешко да се одреди кога точно настанала ваквата поделба. Ова откритие многу ќе придонесе да се разјасни филогенезата на морските желки, објаснуваат научниците.
Анализите се објавени во списанието „PaleoBios“.