Откриен олтар од златно доба на Маите стар 1500 години

Археолозите откриле камен олтар, стар околу 1500 години во античкиот мајански град Ла Корона, длабоко во џунглата на северна Гватемала. Пронајден е најстариот споменик на локалитетот Ла Корона, кој датира од златното доба на цивилизацијата на Маите од 250-900 година.

Според анализата на резбите од олтарот откриено е како моќната Канул династија го започнала владеењето во 200 година над поголемиот дел од териториите на Маите.

“Откривањето на овој олтар ни овозможи да идентификуваме еден сосема нов крал на Ла Корона, кој наводно имал блиски политички врски со главниот град на царството Канул, Џибанчи и околината на градот Ел Перу-Вака”, вели Марчело Кануто, директор на Институтот на средноамеричко истражување на Универзитетот во Тулан.

Олтарот, изрезбан од голема количина на варовник, го претставува претходно непознатиот крал – Чак ток Ичак – како носи двоглава змија. Боговите, заштитници на наоѓалиштето се прикажани како излегуваат од соединетите змии”, вели Кануто. Ова животно не е случајност, бидејќи владетелите на династијата Канул се познати како “кралеви на змиите”.

“Неколку векови во текот на златниот период на Маите, кралевите на Канул династијата доминираа на поголем дел од мајанските територии. Олтарот содржи информации за раната експанзија, што покажува дека Ла Корона одиграла важна улога во овој процес од самиот почеток”, вели Томас Бариентос, директор на Центарот за археолошки и антрополошки истражување на Универзитетот Долината на Гватемала.

Кануто и Бариентос ја проучуваат Ла Корона од 2008 година, управувајќи со ископувањата. Тие исто така учествувале и во хемиските и материјалните анализи.

Поддржете ја нашата работа: