Дали после повеќе од 2.000 години е откриен тестаментот на Александар Велики?
Лондонскиот експерт Дејвид Грант тврди дека го открил во античкиот текст кој со векови ни бил пред очи , но сѐ до сега се сметал дека е фикција – пишува „Daily Mail“.
Овој, долго време отфрлан текст, ги открива плановите на Александар за иднината на грчко-персиската империја со која владеел, каде сакал да биде погребан и кој треба да го наследи неговото богатство и моќ.
Доказите за неговата последна воља се пронајдени во античкиот текст познат како „Александрида“(или „Романот за Александар“), кој ги опишува легендарните освојувања на Алксандар. Овие раскази , кои најверојатно се собирани во текот на еден век после неговата смрт, содржат непроценливи фрагменти од освојувањата на Александар во Персиското царство.
Историчарите долго време верувале дека последното поглавје на Александрида е политички памфлет кој ја содржи последната воља на Алексндар, но сѐ до сега сметале дека е измислен.
Меѓутоа, сеопфатната студија на експертот Дејвид Грант, сепак наведува на заклучок дека тестаментот е базиран на оригиналниот текст, но дека бил изменет од политички причини.
Деталите од откритието, Грант ги претставува во својата нова книга „Во потрага по изгубениот тестамент на Александар Велики“. Тој верува дека оригиналниот тестамент на Александар бил сокриен од неговите најмоќни генерали , затоа што Александар за свои наследници ги назначил, тогаш сѐ уште неродениот син Александар IV, кој бил полу азиец и постариот син Херакле.
Тие никако не сакале да прифатат власта да им припадне на синовите кои во тоа време Македонците ги гледале како „мешана раса“, па наместо тоа влегле во меѓусебна крвава борба за власт позната како „Војни за наследство“.
Грант е убеден дека после смртта на Александар оригиналниот тестамен бил тајно изменет и по налог на еден од генералите делен во вид на леток, како „доказ“ дека тој е легитимен наследник.
Доколку Грант е во право, тоа би значело поништување на 2000 години студии на оваа тема.
До овие заклучоци Грант дошол после 10 години проучување на различни антички текстови поврзани со големиот водач.
„Пропагандата и политичката конотација на памфлетот, фрла сериозен сомнеж врз автентичоста на тестаментот, кој во еден момент влегол во книгата раскази позната како „Романот за Александар Велики“- вели Грант и додава дека после тоа, документот бил осуден да стане бајка.
„Сепак, моите истражувања ме доведоа до убедлив заклучок дека иако е изменет, тој е заснован на оригиналниот тестамент на Алаксандар Велики“.
„Со криењето на тестаментот, како и со тврдењата дека Александар на смртната постела не дал никакви упатства или дека ги охрабрил генералите да се борат за власта над империјата со тоа што на прашањето на кого ќе му го остави царството, одговорил со познатите зборови „На најсилниот“, тие си овозможиле легитимитет за нивните постапки, насилство и сојузите што ги правеле во годините после неговата смрт.“