На две одделни локации во Јужна Африка откриени се фосилизирани бактерии кои датираат од пред 2,52 милијарди години – многу пред Земјата да почне да се полни со кислород.
Наместо да живеат од кислород, како дрвјата и другите повеќеклеточни организми што се јавиле после нив, овие бактерии користеле сулфур за да преживеат. Ова укажува дека животот на планетава можел да се одржи со помалку од еден илјадити дел од сегашното ниво на кислород на Земјата.
Фосилите биле откриени во слој од цврсти карпи, богати со силициум, во Каапваал Кратон во провинцијата Лимпопо во Јужна Африка – една од двата преостанати делови во светот каде земјината кора од пред 3,6-2,5 милиони години сѐ уште е пристапна.
Според истражувачите од Универзитетот во Синсинати кои ги откриле, овие бактерии се „исклучително големи“, што укажува на тоа дека овие форми на живот воопшто немале пrоблем да живеат во отсуство на кислород.
Научниците веруваат дека пред Земјата да биде исполнета со кислород, океаните биле богати со анаеробни бактерии – кои својата храна ја метаболизирале без да имаат потреба од кислород или сончева светлина.
Кога атмосферата на Земјата се исполнила со кислород – за време на Големата оксигенација, тоа за овие бактерии било буквално како да вдишуваат отров и тие масовно умирале. Но сѐ досега имаше малку директни докази за постоење на овие анаеробни суштества.
Фосилите кои се откриени на пет места на две различни лококации сочувале голем број на бактерии, за кои истражувачите велат дека се слични на формите од модерниот род „Thiomargarita“ – организми кои денеска живеат во длабоките морски средини со многу ниско ниво на кислород и високо ниво на сулфур.
„Овие први бактерии најверојатно користеле молекули растворени од минералите богати со сулфур, кои потекнувале од карпите кои преку ерозија биле однесени во морињата или од вулканските остатоци на окенското дно“- велат истражувачите.
Заради недоволно директни докази за овие суштества од раната историја на Земјата, сѐ уште е нејасно како и кога тие настанале за прв пат. Но, научниците велат дека овие фосили се првиот јасен индикатор дека тие постоеле пред најмалку 2,52 милијарди години и дава надеж дека е можно да откриеме едноставни форми на живот на планетите кои немаат такво изобилство од кислород како Земјата.
Истражувањето е објавено во „Geology“.